Трајаноски: Кампањите ќе играат најголема улога во одлуките на скопјани на денот на изборите, а не анкетите и аналитичарите
Во колумната за „Слободен Печат“ со наслов „Локалните избори во Скопје: Анкети, аналитичари и кампањи“, аналитичарот Жарко Трајаноски укажува дека поука од минатите локални избори за градот Скопје е дека не може да им се верува ниту на анкетите, ниту на аналитичарите.
Резултатите на локалните избори за Скопје, според Трајаноски, покажаа дека процентите на анкетите и проценките на аналитичарите беа сосем промашени:
„Се разбира, најголемо промашување имаа процентите од анкетата на институтот „Димитрија Чуповски“ која предвидуваше 10,1 % предност на Коце Трајановски, кој уште во прв круг загуби со 14,15 % од Петре Шилегов, што е промашување поголемо од 24 %! Промаши и анкетата на ИРИ за повеќе од 21 % во Скопје, и за повеќе од 14 % за Советот на Град Скопје, каде што наместо 5 % предност за ВМРО-ДПМНЕ, на крајот СДСМ се здоби со предност од повеќе од 9 %“.
Трајаноски укажува дека и специјалната анкетата за Скопје на ТВ Телма промаши за 11,65 %, за градоначалник на Скопје, а аналитичарите кои предвидуваа изедначена и неизвесна борба се изрезилија пред македонската јавност: „На крај на првиот круг испадна дека состојбите воопшто не биле изедначени и дека битката за Скопје воопшто не била неизвесна. Она што се претставуваше како „факт“ – дека ќе има втор круг, „со сигурност ќе има втор круг во Скопје“ – излезе дека не бил никаков факт, туку многу лоша процена на аналитичарите. И проекцијата на ТВ Телма дека „во Гази Баба ќе имаме победник во првиот круг, а тоа најверојатно ќе биде Тони Трајковски од ВМРО-ДПМНЕ“ испадна големо промашување, затоа што таму имаше победа дури во вториот круг. Но не победи кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, кој предвреме беше „проектиран“ како градоначалник на Гази Баба, туку кандидатот на СДСМ.“
Според Трајаноски, поуката од погрешните анкети и анализи во 2017-та е дека на анкетарите и аналитичарите не треба да се потпираат ниту гласачите, ниту политичарите, ниту пак медиумите: „И во 2021-ва сме сведоци на противречни резултати од анкети (некои од нови и сомнителни организации), па дури и обиди политички да се дискредитираат анкетари. Сепак, фокусот и на гласачите, и на политичарите, и на медиумите треба да биде на изборната понуда во кампањата, а не на анкетите и аналитичарите“.
Трајаноски укажува дека кампањите во 2017-та играа огромна улога во одлуките на скопјани на денот на изборите, и дека може да се претпостави дека ќе играат голема улога и на локалните избори во 2021-ва.