Транспаренси Интернешнл: Македонската борба против корупција бележи пад од 12 места

Со само два поени помалку од 2023 година, Северна Македонија ја завршила 2024 година со пад од 12 позиции на ранг листата на Транспаренси Интернешнл за нивото на борба против корупцијата. Според Индексот за перцепција на корупција за 2024, земјава е рангирана со 40 поени на 88-то место од 180 држави. Ако во 2023 година, кога на овој Индекс земјата беше рангирана на 76-тото место главно заради критиките за измените на Кривичниот законик, падот сега се должи на скандалите во судството, Судскиот совет и Академијата за судии и јавни обвинители.
„Неказнивоста на високата корупција поврзана со лица на јавни позиции, индициите за политичко влијание во судството, лошата контрола која Судскиот совет ја врши врз судиите и препораките на оценската мисија на Европската Унија, кршењето на законот со изборот на кандидати за Академијата на судии и јавни обвинители за време на избори, се само дел од скандалите кои го тресеа судството“, изјави претседателот на Транспаренси Интернешнл- Македонија, Благоја Пандовски.
Тој објаснува дека минатогодишниот скандал и докажан случај со врховен судија и член на Советот за јавни обвинители во кој тие признаа вина дека земале мито за судски процес, е само загребување на површината на суските проблеми и причини поради кои граѓаните немаат доверба во судскиот систем.
„Дополнително минатата година во земјава имаше избори, помалку од половина од годината имавме една влада, а повеќе од половина од годината имавме друга влада. Така што сите податоци кои денеска се презентирани се резултат на сите мерења на релевансни институции“, додава Пандовски.
Мицкоски: Падот од два поени е резултат на претходната влада
Премиерот Христијан Мицкоски смета дека падот од два поена е резултат на „сите оние злоупотреби на европско знаме, коруптивни скандали што беа во периодот на минатата Влада“.
„Логичен е тој извештај и добро е што е само два поена мислев дека ќе биде и повеќе. Ако ги забележите сите седум критериуми, ќе видите дека сите се однесуваат во периодот кога е претходната Влада, детално го изанализирав. Тоа е добра основа да почнеме да ја подобруваме нашата позиција. Апсолутно ќе го задолжам и денеска на владина седница соодветниот министер да ги детектира слабостите што таму прилично јасно се детектирани и тоа веќе да не ни се повторува“, рече Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања на прес-конференција.
Тој зборувајќи за скандалите кои ги објавуваше ВМРО-ДПМНЕ, посчи дека нема да дозволи да се повторат такви ситуации.
„Повеќе нема да се повтори ’Соравиа’ во центарот на Скопје, нема да ни се повтори измени на кривичен законик со злоупотреба на европско знаме, нема да ни се повторат ’бентли’, ’астон мартин’, ’ролс ројс’ автомобили на блиски роднини на нашите семејства,“ изјави Мицкоски.