ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

Ти сине си знаеш дека ми смо си од време за ВМРО, раскажува лице од списоците за гласање на ВМРО-ДПМНЕ

Со материјални докази продолжи денешното рочиште за случајот „Титаник“ во кој на 21 лице им се суди за изборни нерегуларности во 2011 година. Меѓу доказите што СЈО денес ги презентираше беа и снимени разговори од новинарките Сашка Цветковска и Наташа Стојановска, кои беа направени за истражувачка сторија, а во кои двете зборуваат со соговорници, претставувајќи се како лица од контакт-центарот на ВМРО-ДПМНЕ.

Двете новинарки на соговорниците во телефонските разговори кои денес се слушаа во судница им ги поставуваат главно истите прашања околу тоа дали партијата им наложила да направат списоци со лица кои со сигурност ќе гласаат за ВМРО-ДПМНЕ, дали ги знаат последиците доколку тоа не го исполнат и дали знаат дека на ОБСЕ, на МОСТ и на други меѓународни организации не треба да им признаваат дека им се врши притисок од партијата. Најголем дел од соговорниците признаваат дека од ВМРО-ДПМНЕ добиле инструкции дека треба да најдат по 15 лица сигурни гласачи, истите да ги стават на список, дека ако не ја исполнат обврската ќе останат без работа и дека на меѓународните организации не смеат да им откријат дека биле врбувани да наоѓаат лица за гласање.

Во телефонските разговори новинарката Сашка Цветковска се претставува како Наташа од Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ.

На ова реагираше одбраната на обвинетите, според која, разговорите кои СЈО ги предлага како доказ се незаконски снимани и се извршени со лажно претставување, па побараа од судот овие разговори да не бидат доказ во судската постапка за „Титаник“.

Една од соговорничките на новинарката Цветковска ѝ одговара дека е вработена во ПИОМ, дека ВМРО-ДПМНЕ ја задолжила да направи список со 15 сигурни лица кои ќе гласаат за партијата, дека ако тоа не го сторат ќе поминат лошо и дека, како што ѝ вели соговорничката, се подразбира и нормално било дека ако не го исполни тоа ќе остане без работа.

Во еден од разговорите новинарката зборува за список на извесна Даниела Гајдова, а соговорничката со која разговара ѝ потврдува дека Даниела ѝ е снаа и дека за таа да добие вработување ќе гласа за ВМРО-ДПМНЕ.

„Даниела ми е снајка и ќе гласам за ВМРО-ДПМНЕ. Мојата снаа си е моја снаа и тоа е тоа. Не гласам за да добијам нешто, туку Даниела има две дечиња и осум години е невработена. Таа го заслужува тоа и треба да добие работа не само од оваа власт, туку и од која било друга власт. Мојот син е дипломиран правник и тој исто така е без работа“, вели соговорничката во разговорот.

По ова новинарката ја прашува соговорничката дали ѝ е познато дека на нејзината снаа ВМРО-ДПМНЕ ѝ ветило дека ќе ја вработи. Изненадена од ова, соговорничката прашува: „А навистина ли ѝ ветиле дека ќе ја вработат? Не знаев за ова“.

По ова улогите на новинарката и соговорничката се менуваат, односно жената на која ѝ се јавија да ѝ постават прашање почнува да ја распрашува новинарката Наташа. Ѝ поставува прашања каде работи, каде им се канцелариите, колку канцеларии имаат, во колку градови имаат свои канцеларии… Ваквиот разговор предизвика смеа кај сите присутни во судница, но и наиде на позитивни реакции од обвинетите и нивните адвокати дека доказот кој СЈО го предложи им оди во прилог на обвинетите лица.

Во еден од разговорите, откако новинарката Цветковска ѝ кажува на соговорничката дека прават проверка на списоците и дали имаат сигурни 15 лица кои би гласале за ВМРО-ДПМНЕ, соговорничката ѝ вели: „Е баш ми е мило што не има на списак. Сите ние, и јас и маж ми и деца, сите ќе гласаме за ВМРО. Ти сине си знаеш дека ми смо си од време за ВМРО, убаво си направила што си не правила на список“. По ова таа добива прашање дали знае дека доколку не го сторат тоа нејзината внука ќе има последици по работното место, на што добива одговор дека можеби ѝ спомнала внуката, ама не се сеќава.

По ова новинарката ја прашува соговорничката дали се задоволни од партијата и што би сакале да направи ВМРО-ДПМНЕ во иднина. На ова добива одговор од неа: „Овај млад дечко што дојде сам му видела дека е прав Македонац“.

Освен овие разговори, меѓу соговорниците има и такви кои се вработени во Фондот за здравство во Велес, а кои се изненадени и воопшто не знаат дека се наоѓаат на списокот како сигурни гласачи за ВМРО-ДПМНЕ. Еден од соговорниците во разговор со новинарките вели дека обезбедил 15 лица и дека меѓу нив има пријатели, роднини, блиски и нивни сватови кои, како што вели 100 проценти ќе гласаат за ВМРО-ДПМНЕ.

Денешното рочиште за „Титаник“ по презентација на дел од доказите беше прекинато бидејќи меѓу обвинетите е и Мунир Пепиќ кој е обвинет и во „27 април“, а рочиштето за овој предмет е закажано за денес.

Следното рочиште за „Титаник“ е закажано за 22 јануари.

Ве молиме следете не и стискајте лајк:
error
fb-share-icon
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.