Тетовските ученици на улица против он-лајн наставата
Тетовските средношколци уште еднаш излегоа на улица против онлајн наставата. Тие се незадоволни и од нивната застапеност во Сојузот на средни училишта кој пред неколку дена одлучи да му даде шанса на учењето преку Интернет до ноември, а во случај на подобрување на епидемиолошката состојба или неисполнување на други услови, да бараат враќање во училиштата. Дел од учениците кои излегоа на денешниот протест се жалат и на честото паѓање на системот и неможноста да се вклучат во предавања.
„Ние сме само ученици кои бараат физичко присуство во училиштата бидејќи многу барови и локали во Македонија функционираат едноставно без проблеми“…
„Тука сме организирани за да протестираме затоа што Сојузот на средни училишта не ги прифати нашите барања и не нè претставува како ученици. Затоа сме тука, да го искажеме нашето мислење и да го бојкотираме учењето онлајн затоа што не е ефикасно“…
„Има многу проблеми. Јас лично се вклучив во онлајн настава преку Teаms и не е ефикасно. Верувам дека сите ученици знаат“…, рекоа анкетираните ученици.