ТЕСТ ПРОИЗВОДСТВО НА ДЕСЕТМЕГАВАТНАТА ФОТОНАПОНСКА ЦЕНТРАЛА „ОСЛОМЕЈ 1“
Владата се пофали дека од денеска ја почна транзицијата во енергетскиот сектор. Во Осломеј пушти во пробна работа фотонапонска централа, која наместо јагленот, како енергенс за производство на струја ќе го користи сонцето.
Но, мал инцидент претходеше на свеченоста, на која присуствуваше и премиерот лично. Неколку минути пред пристигнувањето на делегациите, изби пожар во трансформаторската станица. Брзо беше изгаснат, а од ЕСМ велат дека вакви дефекти се можни, затоа и служи пробната работа.
Оваа електрана е со капацитет од 10 мегавати, а е изградена на поранешните наоѓалишта на јаглен во РЕК Осломеј. За премиерот Ковачевски тоа е симболика и најави дека во иднина, наместо од загадувачки јаглен, Осломеј, струја ќе произведува целосно од сонце. Освен ова, тој најави уште неколку значајни инвестиции во енергетскиот сектор, кои до 2040 година Македонија треба да ја направат енергетски ефикасна земја.
Оваа централа ќе ги задоволи потребите на 2800 домаќинства. Според премиерот, наскоро ќе почне изградбата на хидроцентралата Чебрен, а со влезот на земјава во пректот Александрополи во Грција, земјава ќе добие природен гас, кој ќе овозможи изградба на гасни централи за производсво на струја.
Енергетската криза која ја зафати Европа најмногу ги погоди земјите кои немаат доволно свое производство на струја и се зависни од увоз. Една од нив е и Македонија.