ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

Тендери за фирма на сопругата на Макрадули, тој смета дека нема конфликт на интереси

Фирма каде еден од сопствениците е Маја Трендафилова Макрадули, сопругата на заменик министерот Јани Макрадули, добила девет тендери вредни околу 90 илјади евра во периодот додека тој ја извршува функцијата во министерството за животна средина. Станува збор за фирмата „Опен мајнд солушнс“ каде Трендафилова има 25 отсто сопственички удел.

Според податоците од Бирото за јавни набавки тендерите се склучени со повеќе државни агенции и јавни претпријатија и се за одржување на софтвери за сметководтствени услуги и финансии.

Заменик министерот Макрадули вели дека нема ништо спорно во тендерите и работењето на фирмата на неговата сопруга. Тој тврди дека оваа фирма добивала тендери и во 2010 и 2013 година за инсталирање на софтвери и додава дека министерството во кое тој работи не соработувало со оваа фирма и поради тоа нема конфликт на интереси.

Демант стигна и од Националната агенција за европски образовни програми и мобилност која во март минатата година склучила договор со „Опен мајнд солушнс“ вреден 263 илјади денари.

„Националната агенција за европски образовни програми и мобилност е речиси 10 години корисник на услугите на „Опен мајд солушнс ДООЕЛ-Скопје“, која е компанија што се занимава со изработка и одржување на софтвер за финансиски работење на агенцијата. Потпишувањето на договорот со „Опен мајд солушнс ДООЕЛ-Скопје“ е согласно законот за јавни набавки, бидејќи истата ги ужива авторските права. Првично договорот со посоченото правно лице е склучен во 2009 година, кога директорката Лидија Димова не беше на раководната позиција во агенцијата и ја продолжи веќе воспоставената соработката со претходен договор“.

Останува дилемата дали во овој случај има судир на интереси со оглед на фактот што фирма каде што  сопственик е сопруга на државен функционер добива тендери од државни институции. Ова би требало да го испита Антикорупциската комисија која повеќе од една година не функционира.

Скандал но овој пат со грантови имаше минатата година кога Фондот за иновации додели средства на фирми каде како малцински сопственици се јавуваа државни функционери како Кочо Анѓушев и Хари Локвенец но и лица блиски сo други функционери или советници на премиерот.

Во меѓувреме државата додели два тендери тешки околу еден милион евра на фирмата „Атриум“ чиј сопственик е братот на пратеникот Крсто Мукоски.

Ве молиме следете не и стискајте лајк:
error
fb-share-icon
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.