Таравари за починатото бебе: Не сум судија, очекувам директорите да преземат мерки за докторите што направиле превид
„Како министер не сум судија, ниту обвинител. Како министер ангажирав комисија која даде детален извештај што се случило и сега тој е испратен до клиниките и чекаме да видиме како ќе постапат директорите. Понатаму ние може да постапиме врз директорите, меѓутоа не и врз вработените“, вели министеротМинистерот за здравство Арбен Таравари вели дека досега нема поднесено ниту една жалба за извештајот што е испратен до Клиниката за детски болести и Клиниката за белодробни заболувања кај децата „Козле“, а кој е изготвен по извршениот стручен надзор откако почина 14-месечно бебе.
„Извештајот, што не е направен од нас туку од професионалци што ние како министерство за здравство ги назначивме, е испратен и до болницата ’Козле’, до Универзитетската клиника за педијатрија и до Лекарската комора. Тие по членовите 297 и 333 можат да поднесат жалби, но до овој момент до нас нема пристигнато ниту една“,
вели Таравари.
Тој очекува директорите на двете клиники да преземат соодветни мерки за докторите што направиле превид.
„Како министер не сум судија, ниту обвинител. Како министер ангажирав комисија која даде детален извештај што се случило и сега тој е испратен до клиниките и чекаме да видиме како ќе постапат директорите. Понатаму ние може да постапиме врз директорите, меѓутоа не и врз вработените. Треба да инсистира министерството и министерот за да директорите преземаат одредени мерки за тие доктори што направиле некаков вид на превид“,
рече Таравари.
Прашан дали можеби ќе ги разреши директорите ако не преземат одредени мерки, Таравари одговори дека неговите очекувања се оти раководните лица на клиниките ќе направат се што треба.
„Да причекаме. Но јас се надевам дека и двајцата директори ќе преземаат некакви мерки, а какви ќе бидат, тие се раководители на тие болници и клиники и не би сакал јас да кажувам што ќе донесат, меѓутоа очекувам од нив да има некаква одговорност“,
додаде министерот.
По надзорот што беше направен во двете установи, Таравари пред неколку дена рече дека комисијата увидела дека во болницата во „Козле“ е констатирана потреба од соодветна апаратура за пружање респираторна поддршка, инвазивна и неинвазивна.Денеска на новинарско прашање како оваа установа станала клиника за таква дејност без да има соодветна апаратура и што под итно ќе биде преземено, Таравари рече дека министерството сега има обврска да обезбеди неинвазивен или инвазивен респиратор.
„Според нашите информации клиниката „Козле“ имала респиратор меѓутоа, пред ние да дојдеме, е прераспределен во некоја клиника каде што имало потреба повеќе. Сега министерството има обврска во што поскоро време да обезбеди таму да има неинвазивен или инвазивен респиратор“,
рече тој.
При извршениот стручен надзор во Клиниката за детски болести и во Клиниката за респираторни болести кај децата „Козле“, биле констатирани одредени недостатоци и тоа системски, технички, стручни и од аспект на опрема.
Наспроти Комисијата за стручен надзор, која утврди низа пропусти во лекувањето на 14-месечното бебе што на почетокот на месецов почина на Детската клиника, од Клиниката за респираторни заболувања кај децата „Козле“ излегоа со уверување дека нема пропусти во постапувањето и лекувањето на детето.