Таравари го оценува јавното здравство со осумка и смета дека тоа може уште да се подобри
Новите компресорски станици веќе се поставени на клиниките. Компанијата која го доби тендерот работи постојано, вели министерот за здравство сумирајќи ги резултатите од годината што измина. Операционите сали во хируршките клиники со месеци работат со надворешни компресори, кои се преодно решение до поставувањето на новиот компресорски систем. Таравари вели дека останува да се постави само уште апаратот кој ќе служи како бек ап, доколку стариот апарат откаже по неговата поправка. Се се очекува да биде готово до крајот на јануари.
„Практично, останат е само апаратот кој треба да се постави. Добро е тоа што сега ќе имаме бек ап. Новата инсталација и новиот апарат ќе функционираат, а стариот апарат ќе го поправиме и тоа ќе биде секогаш како поддршка. Доколку се случи нешто на новиот апарат, да не чекаме повторно шест месеци додека се направат објави, па се најде фирма, па повторно да се работи. Така да, ако се расипе новиот апарат после 10, 15, 20 години, стариот апарат ќе биде тука за да помогне веднаш да се вклучи“, изјави Арбен Таравари, министер за здравство.
Од средината на мај операционите сали беа затворени откако се појавила непозната миризба во салите. На почетокот на јуни, салите беа повторно отворени, но не се користеше системот за компримиран воздух, туку надворешни компресори, a беа повикани и германски експерти.
Министерот за здравство смета дека во јавното здравство се добиваат квалитетни здравствени услуги. Доколку треба да оцени од пет до десет тоа би било осумка.
„ Не случајно, специјализанти, потоа нов колективен договор. Ќе видиме сега за идната година и бодовите односно капитацијата за докторите по семејна медицина, некаде во април да се покачат за да бидат мотивирачки, тие да останат да работат и да дадат нивен максимум како здравствени работници. Тоа можеме како МЗ и како Влада. Друго не зависи од нас“, додаде Таравари.
Министерот вели и дека има заинтересирани лекари кои сега работат во странство, да се врата да работат во Македонија.