Судири со мигрантите на грчко-турската граница
![](https://edo.com.mk/wp-content/uploads/2020/03/migranti-1024x576.jpg)
И денеска тензична состојба на гграницата меѓу Грција и Турција.Повеќе стотини бегалци и мигранти, собрани на турската страна од, веќе затворената, граница со Грција, со разни предмети ја нападнале грчката полиција во обид нелегално да влезат во земјата. Инцидентите почнале утринава околу девет часот, но грчката полиција на солзавецот кои бил фрлен од турска страна, одговорила исто така со солзавец.
Во интервју за телевизијата Мега, поранешниот премиер Алексис Ципрас целосно ја поддржува одлуката на владата за затворање на границата со Турција…Според него, Грција се наоѓа пред геополитичка закана и побара од премиерот Мицотакис да свика лидерска средба.
„Се наоѓаме пред геополитичка закана, не пред драмата на бегалците, кои не треба ги третираме како непријатели и натрапници, туку пред геополитичка закана од страна на Турција. Грција треба од Европската унија да побара суштинска поддршка, да се закани со вето во ЕУ на сите одлуки на Европскиот совет, но и со санкции за Турција.“ – изјави Алексис Ципрас – лидер на СИРИЗА.
Германската канцеларка Ангела Меркел оценува дека турскиот претседателот Реџеп Таип Ердоган и неговата влада го изразуваат нивното незадоволство не кон Европска Унија, туку преку грбот на бегалците, нагласувајќи дека Унијата досега целосно го испочитувала договорот од 2016 година.
„Бегалците се ставени во ситуација во која беа пуштени да отидат до границата и се наоѓаат во ќорсокак. Политиката на ЕУ се состои во тоа да се склучуваат договори меѓу државите за бегалците да не се стават во тешка позиција.“ – изјави Меркел.
Од шесте милијарди евра ветени на Турција според договорот склучен со Брисел во 2016, 3,2 милијарди се исплатени, појасни вчера портпаролот на канцеларката Штефан Зајберт. Парите треба да ѝ помогнат на Анкара да го финансира прифаќањето на бегалците, особено на Сиријците кои бегаат од војната, и да спречи да се упатат кон ЕУ.
Грција прогласи состојба на највисока готовност во заштитата на границите од приливот на илјадниците емигранти кон нејзината територија и објави дека се суспендираат барањата за азил за оние што ќе влезат нелегално.