Судењето за ТНТ и денеска минува во атмосфера на раб на експлозија
Утринава во кривичен дојдоа членови и активисти од општинскиот комитет на ВМРО ДПМНЕ во Гази Баба и две пратенички за да им дадат поддршка на обвинетите за уривањето на Космос, но добиле одговор во судот дека не можат да присуствуваат на рочиштето поради безбедносни причини.
На барање на новите адвокати на обвинетите, кои вчера беа поставени по службена должност да направат увид во предметот, судењето се одложи за два часа, но по паузата реагираа дека два часа не се доволно да направат увид во предмет од 20.000 страници, кој се суди околу 2 години.
Јовица Страшевски, новиот адвокат на поранешниот градоначалник на Гази Баба, Тони Трајковски и другите двајца адвокати назначени по службена должност бараа или одложување на рочиштето за друг ден или за неколку часа, за да се подготват за одбраната со која треба да финишира судењето за Космос . Сепак, судењето продолжи со одбрана на ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиевски.
Главната причина околу која деновиве настана тензија и судот се брза да го заврши судењето, а одбраната да го одложи, е тоа што следната недела на еден судија поротник му завршува мандатот и доколку се замени со нов, судењето ќе треба да почне од почеток поради променет судски совет.