ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

Студот, дождот и стресот не ја запираат битката за секој човечки живот

Надежта секогаш постои. По дваесет и повеќе часови од катастрофалниот земјотрес што ја погоди Југоисточна Турција, од урнатините на зградите срамнети со земја од час во час се извлекуваат преживеани луѓе, деца, па и бебиња.Турските медиуми во живо ги пренесуваат овие, како што ги нарекуваат, „чуда од спасувања“. Цела Турција е сосредоточена на последиците од оваа трагедија и е сплотена во солидарноста и праќањето секаква помош на своите настрадани сограѓани. Помош и пораки на сочувство пристигнуваат од целиот свет, меѓу кои и од соседна Грција и од САД. Претседателот Реџеп Таип Ердоган прогласи седумдневна национална жалост.

Фуат Октај, помошник на претседателот Ердоган, изјави дека до вчера напладне биле спасени повеќе од 8.000 луѓе што биле затрупани. Билансот на загинати луѓе, за жал, не е ни конечен, и се зголемува од час на час. Октај вчера објави дека се регистрирани 3.149 загинати луѓе, но предупреди дека реално има многу повеќе жртви. Повредени се 20.434 луѓе, но и овој биланс не е конечен, зашто сѐ уште не се знае каква е ситуацијата во многу изолирани села.

По првите два силни земјотреса во интервал од 9 часа – првиот со магнитуда од 7,7 Рихтерови степени и вториот со 7,6 степени – уште 312 потреси биле регистрирани во поширокиот регион што опфаќа десет поголеми турски провинции. По најсилниот земјотрес, имало уште 3 со магнитуда над 6 Рихтери, кои се катастрофални сами по себе, како и уште 24 со интензитет помеѓу 5 и 6 степени, доволно силни за да оштетат објекти и да загрозат животи.

Илјадници луѓе останаа без домови, а и оние чии домови останале здрави се плашат да се вратат во нив. Властите ги предупредуваат граѓаните да не влегуваат во зградите сѐ додека специјални служби не утврдат дали објектите се сосема здрави или се оштетени и може да се урнат при некој појак потрес.

По врнежливата вечер, вчера временската состојба се подобри и овозможи слетувања на авиони, кои пристигнуваат од сите страни, полни со спасувачки екипи, механизација и основни производи за да им се помогне на настраданите. Во спасувачките активности се вклучија и хеликоптери и состојбата се надгледува од воздух. Властите апелираат до граѓаните да не патуваат без голема потреба, откако во понеделникот долга колона возила со луѓе што заминуваат од погодениот регион го парализираше сообраќајот и ја блокираше работата на спасувачките екипи и доставувањето помош.

Ве молиме следете не и стискајте лајк:
error
fb-share-icon
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.