ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

Столтенберг пристигнува во Турција на положувањето заклетва на Ердоган

Генералниот секретар на НАТО утре ќе присуствува на церемонијата на полагање заклетва на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во Анкара, објави НАТО.Јенс Столтенберг претходно најави дека ќе ја посети Турција за да се обиде да ја убеди да го поддржи влезот на Шведска во НАТО „што е можно побрзо “.

За време на посетата утре и во недела, тој ќе има билатерални средби со Ердоган и со неколку високи турски претставници, се наведува во соопштението на НАТО. Јенс Столтенберг вчера најави дека наскоро ќе ја посети Турција за да се обиде да ја убеди да го поддржи влезот на Шведска во НАТО.

Турција и Унгарија се последните од 31 земја-членка на НАТО кои се уште не го ратификувале пристапувањето на Шведска во Северноатлантската алијанса. Финска официјално стана членка на НАТО на 4 април. Реизбран за претседател на 28 мај, Ердоган ја блокираше кандидатурата на Шведска обвинувајќи го Стокхолм дека засолнува курдски милитанти кои Турција ги смета за „терористи“.

Тој бара екстрадиција на неколку десетици милитанти. Но, Шведска посочува дека не добила прецизен список со имиња од Анкара и дека независните судови се тие кои на крајот одлучуваат за тоа. Шведскиот парламент усвои нов закон со кој се забрануваат активности поврзани со екстремистички групи, а со тоа се заоструваат правните мерки против тероризмот.

Законот стапи на сила вчера, со што Шведска исполни едно од клучните барања на Турција. „Убеден сум дека и Унгарија ќе го ратификува пристапниот протокол“, рече Столтенберг вчера на неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на земјите-членки на НАТО во Осло.

Шефот на шведската дипломатија Тобијас Билстром на таа средба изјави дека неговата земја сега ги исполнува сите услови за влез во НАТО, „вклучувајќи го и новиот закон за тероризам“ и ги повика Турција и Унгарија да престанат да ги блокираат. Многу министри во Осло изразија желба одлуката за прием на Шведска да биде донесена пред самитот на НАТО во Вилнус на 11 и 12 јули, што Столтенберг во вторникот го оцени како „сосема можно“.

Но, се случи нов инцидент кој ја нагласува кревкоста на кандидатурата на Шведска. На почетокот на неделата, прокурдската група на социјалните мрежи објави видео на кое се прикажува проекцијата на знамето на Курдистанската работничка партија (ПКК), која Анкара и многу други ја сметаат за терористичка организација, во шведскиот парламент.

Турција го осуди како „неприфатливо“ и побара од Стокхолм да го спречи протестот на милитантите блиски до ПКК и курдските вооружени групи во Сирија, закажан за недела во шведскиот главен град.

Ве молиме следете не и стискајте лајк:
error
fb-share-icon
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.