ССМ поднесе предлог за усогласување на функционерските плати со Општиот колективен договор

За едно евро или 62 денари е зголемена просeчната плата во јуни во споредба со претходниот месец. Државната статистика пресмета дека просекот изнесува 36.527 денари , што за една година е раст од 14%, но реалната плата е намалена.
Инфлацијата ја изеде вредноста на парите и сега примањата вредат помалку. Од Синдикатот децидни – платите треба да растат, затоа што се зголемуваат трошоците за живот. За да се истурка месецот на едно семејство му се потребни скоро 49 илјади денари. Со вакви примања, само мал дел можат да се си дозволат нормална живеачка, a меѓу нив се функционерите чии плати пораснаа за 78%.
Затоа од ССМ со предлог до Собранието – порастот на платите на избраните и именувани фукнционери да биде во согласност со Општиот колективен договор за јавниот сектор – односно колку што растат платите на административците, толку да растат и функционерските.
– Предлагаме порастот на платите на вработените во јавниот сектор и на функционерите да биде на еднакви принципи без дискриминација согласно договорените принципи во Општиот колективен договор за јавен сектор и правилата за работниците да важат подеднакво за функционерите, па доколку Владата смета дека зголемување на платите од 10 проценти од септември 2023 година и утврдување на методологија за пресметка на платите по принципот просечна бруто плата и коефициент на сложеност на работното место но започнувајќи од 1 март 2025 година за работниците, истиот принцип функционерите треба да ги применат и за себе и затоа ССМ го дава овој предлог токму во таа насока на примена на еднакви принципи за платите на сите вработени во јавен сектор и избрани и именувани функционери без оглед дали тоа е на централно или на локално ниво, изјави Трпе Деаноски, ССМ.
Од власта велат дека ќе го резгледаат предлогот, но без одговор дали ќе го поддржат.
– Ние направивме се, за да се зголемат платите на административците. Но, ќе го разгледаме предлогот и ќе донесеме одлука, вели Мартин Костовски, пратеник на СДСМ.
Инаку највисоки плати – над 95,000 денари земаат програмерите. Зад нив, со околу 60,000 плата се вработените во финансиските друштва, фармацијата, телекомукинациите. Најниско се вреднува трудот во преработувачката индустрија. Месечните примања во текстилната, кожарската, прехранбената индустрија се движат од 24 до 32 илјади денари.