Средба Трамп – Столтенберг пред прослава на 70 години од формирањето на НАТО
Американскиот претседател Доналд Трамп разговараше синоќа во белата куќа со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, кој пристигна во Вашингтон по повод одбележувањето на 70-годишнината од формирањето на северно атлантската алијанса.
На прес конференцијата со Трамп, Столтенберг оцени дека повикот на американскиот претседател до сојузниците да го засилат својот финансиски придонес кон НАТО, веќе има видлив ефект и е доказ за силината на алијансата .
Од своја страна, Трамп повторно ја издвои Германија, како држава која треба да го зголеми процентот од својот бруто домашен производ кој го издвојува за НАТО.
Сепак, и на оваа средба со Столтенберг и на директно новинарско прашање, Трамп повторно избегна да ја критикува Русија.
Поранешниот американски амбасадор во северноатлантската алијанса, Николас Барнс, кој по повод годишнината од формирањето на НАТО, за научна студија интервјуирал 60 поранешни високи претставници на алијансата , од двете страни на Атлантикот, предупредува дека недостатокот на јасно американско лидерство ја загрозува иднината на овој воен сојуз.
Алијансата е силна, но има некои проблеми. Најзначајната криза со која НАТО се соочува е отсуството, за прв пат во својата историја, на силен и принципиелен американски претседател кој верува во НАТО. Доналд Трамп е најголемиот критичар на НАТО. Доналд Трамп не му се спротистави на Владимир Путин на која било форма и начин, како што секој друг западен лидер или американски претседател би направил во слична ситуација, вели Барнс.
Во потег кој може да се смета за директно спротиставување на ставовите на Трамп, спикерот на претставничкиот дом, Ненси Пелоси, го покани Столтенберг утре да се обрати пред двата дома на американскиот Конгрес. Поканата ја поддржа и лидерот на мнозинството во Сенатот, Мич Мекконел и следува по неколкуте гласања во минатиот период во кој републиканците се спротиставија на плановите на Трамп да ги повлече американските војници од Сирија и Авганистан.
НАТО неодамна му го продолжи мандатот на својот генерален секретар за период од уште 2 години, со што поранешниот премиер на Норвешка ќе стане влегува во историјата на алијансата, како еден од нејзините лидери со најдолг мандат.