Средба Путин – Ердоган во Сочи
Точно напладне во рускиот град Сочи почна состанокот на двајцата лидери Путин и Ердоган посветен на турската офанзива.
Состанок кој доаѓа токму пред истекот на договореното примирје на северот од Сирија, со кое се предвидува курдските сили да се повлечат од границата со Турција.
Официјална Анкара го бара нивното повлекување за да воспостави безбедносна зона за да ги смести неколкуте милиони бегалци згрижени на турска територија. На средбата како што пренесуваат руските медиуми, се очекува Путин да го притисне Ердоган за директна комуникација со официјален Дамаск, нешто кое до пред неколку години беше неприфатливо за турскиот претседател.
-Нашите односи во изминатите години се повеќе се подобруваа и верувам дека денешната средба ќе придонесе кон тоа да се решат проблемите во тој регион. Постојат различни динамики и мислења околу ситуацијата во Сирија и ние сме свесни за сето тоа,изјави Владимир Путин – Претседател на Русија.
-Овој состанок денеска ќе ни овозможи да ја разгледаме ситуацијата во Сирија детално и да постигнеме некакво решение кое ќе помогне да се смири ситуацијата. Сепак, турската операција во Сирија е реалност, истакна Реџеп Таип Ердоган – Претседател на Сирија
Двете држави имаат различни ставови од почетокот на конфликтот. Русија го поддржува режимот на Асад, додека Турција ги прекина односите со сириската влада и ги поддржува бунтовниците. Во меѓувреме, силите на САД започнаа со најавеното повлекување од регионот под контрола на курдските сили на големо незадоволство на локалното население.
Турција ја започна офанзивата откако американскиот претседател Трамп даде наредба за повлекување на околу 1.000 војници од северот на Сирија, со што се овозможи на Ердоган за ја започне воената операција. Турската офанзива потоа ги затегна и односите на релација Вашингтон – Анкара.