ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

Средба на премиерот Заев и претседателот на Албанија Мета: Меѓусебната почит и јакнењето на врските е позитивен фактор и од интерес на нашите граѓани

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев,
придружуван од членови на неговиот Кабинет и од претставници
на Министерството за надворешни работи, денеска се сретна со
Претседателот на Република Албанија, Илир Мета.
Претседателот Мета, заедно со неговата делегација, кои денеска
се во нашата земја по повод празнувањето на Денот на албанската
азбука, изрази благодарност за можноста да се сретне со
Претседателот на Владата на РМ Заев, како и за поддршката на
највисоко државно ниво што Република Македонија ја посветува
на празникот Ден на Албанската азбука, како настан од
исклучително значење во историјата на Албанците.
Премиерот Заев на средбата упати честитки по повод празникот и
истакна дека одбележувањето на овој значаен ден од историјата
на албанската заедница е во целосна согласност со принципите за
градење едно општество во мултикултурна Република Македонија.
„Нашата определба да ги јакнеме врските, меѓусебната почит и
поддршката на сите етнички заедници во нашата земја, се
пренесува како позитивен фактор во заедничка потрага на
одговори на сите прашања што се отвораат пред нас. Тоа е
заеднички интерес кој не обединува во остварувањето на
стратешките цели, како што се нашите аспирации за членство во
НАТО и ЕУ, како и нашата силна определба да ги завршиме
реформите дома за да им дадеме општество подеднакво достапно
на сите граѓани“, нагласи премиерот Заев на средбата со
албанскиот претседател Мета.
Двајцата соговорници разговараа и за повеќе други теми од
интерес за двете земји, при што истакнаа подготвеност и силна
посветеност да поддржат повеќе проекти за зајакнување на
економските и културните врски, како и поддршка за
инфраструктурните проекти од кои се очекува дополнителен
импулс и за регионално зајакнување на поврзувањето на земјите
од регионот.

Ве молиме следете не и стискајте лајк:
error
fb-share-icon
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.