Србија ќе ги убедува членките на СБ на ОН дека Косово греши
Формирањето на војската на Косово ја прели чашата на Белград. На барање на српските власти, со поддршка на Русија, закажана е седница на Советот за безбедност во ОН. Александар Вучиќ ќе се обиде да ги убеди големите сили дека Србија прави се за да го задржи мирот, но постојаните провокации од Косово, едноставно ја продолжуваат маката за Белград.
- Ќе ја кажам вистината. Ќе кажам колку труд, волја и енергија вложивме, колку се боревме да постигнеме компромис, а колку некои други не го сакаа тој компромис, изјави Александар Вучиќ.
Во ОН ќе говори и косовскиот претседател Хашим Тачи, кој најави дека новата косовска војска е неповратен процес, а потегот не е причина за страв, туку за прослава.
- Формирањето на косовската армија, без оглед на дискусијата која ќе се води во Советот за безбедност, без оглед на вознемиреноста на некои индивидуи или други земји, е неповратен процес. Напротив, војската ќе се развива, ќе станува посилна и ќе биде професионална, изјави Тачи.
Приштина веднаш предложи да се обнови дијалогот со Белград, но Вучиќ вели дека условите кои ги нуди спротивната страна се неприфатливи, и дека нема да седне да разговара за како што рече зимување или летовање. Вели дека и добро ја сфатил пораката со зголемената царина.
Белград не очекува дека големите сили ќе го променат вообичаениот став за потегот на Косово, но смета дека на денешната седница е важно Србија да ги каже своите аргументи. Односно на кршењето на резолуцијата 1244, со која не се предвидува формирање на какви било вооружени сили на Косово. И покрај поделените мислења меѓу големите сили, косовските постапки најмногу ги поддржува Америка. Но, со оглед на етничката нетрпеливост, земјата постојано е на работ на нова војна, за чиј почеток е потребна мала искра. Најавите се дека во следните три години, косовската влада планира да вложи 170 милиони евра за усовршување на новата војска, која треба да брои 5.000 војници.