ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

Споменик на Кристофер Колумбо во Балтимор срушен на Денот на независноста (ВИДЕО)

Додека поголемиот дел од Соединетите држави го славеа Денот на независноста, околу 300 демонстранти во саботата во Балтимор го срушија споменикот на Кристофер Колумбо, кој се распарчи на повеќе делови кои потоа од пристаништето биле фрлени во морето, јавуваат агенциите и американските медиуми.

Статуата на Колумбо се наоѓала во населбата Мала Италија во пристанишниот град во државата Мериленд, а демонстрантите ја врзале со ланци и ја срушиле со воодушевено навивање и скокање на демонстрантите.

„Откако ја срушија статуата, таа се раскрши на повеќе парчиња кои демонстрантите ги влечеа преку плоштадот и ги фрлија во пристаништето”, изјави Луис Краус за Си-ен-ен.

Спомениците во чест на Колумбо, морнарот од Џенова познат по откривањето на Америка, биле мета на вандали и во голем број други американски градови, како што се Бостон, Мајами и Ричмонд, а во Сан Франциско била отстранета од градските власти.

Споменикот на Колумбо во Балтимор е подигнат во 1984 година во присуство на тогашниот градоначалник Доналд Шејфер и претседателот Роналд Реган. Статуата е само една од многуте историски споменици оштетени или целосно уништени за време на непрекинатиот бран протести против полициската бруталност што започна по убиството на Афроамериканецот Џорџ Флојд кон крајот на мај.

Полицијата не била присутна при рушењето на споменикот во Балтимор.

Прославен како откривач на Америка, на Кристофер Колумбо денес некои гледаат како на симбол на доаѓањето на Европејците кои одземале земја што не им припаѓа.

Во својот говор по повод Денот на независноста, кога во 1776 година 13 британски колонии прогласија независност од британската круна, претседателот Доналд Трамп го спомена и овој италијански морнар.

„Заедно ќе се бориме за американскиот сон и ќе го браниме, штитиме и зачуваме американскиот начин на живот што започна во 1492 година кога Кристофер Колумбо ја откри Америка“, рече Трамп.

Тој исто така рече дека Америка „ќе ги победи радикалните левичари, марксистите, анархистите, агитаторите и разбојниците и крадците“.

„Никогаш нема да дозволиме лута толпа да ги уништува нашите споменици, да ја избрише нашата историја и да ги индоктринира нашите деца“, истакна Трамп.

Претседателот во петокот побара полицијата да ги апси лицата што рушат споменици.

Ве молиме следете не и стискајте лајк:
error
fb-share-icon
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.