Со строги протоколи Пописот ќе се спроведе, ама фалат попишувачи

Сите активности се одвиваат во насока на тоа дека Пописот 2021 ќе се спроведе. Гаранција дека нема да има потреба од одлагање е строгиот протокол, кој што се запазува, како и соодветната обука на попишувачите и пописните тимови, изјави портпарот на Владата, кој на денешната прес-конференција кажа дека граѓаните и попишувачите ќе бидат заштитени.
Според него, сите одлуки Владата ги донесува врз основа на став на Комисијата за заразни болести, кој се разгледува на главниот Координативен кризен штаб, од каде заклучоците одат на седница на Влада.
На прашањето дали Владата размислува за нов Закон со кој би се одложил Пописот, доколку од која било причина дојде до таква потреба, Арсовски, рече дека сите капацитети се насочени кон спроведување на пописот и дека неговиот успех го гарантира методологијата и здравствените протоколи.
„Граѓаните и попишувачите ќе бидат заштитени. Целиот фокус на Владата е во таа насока“, изјави Арсовски.
За можноста за одложување на пописот поради растот на бројот на новозаразени, Јасмина Ѓоргиева од Државниот завод за статистика, укажа дека ДЗС не е тој што може да побара или да даде препорака за тоа и дека работи по утврден план и протоколи донесени од Владата.
„Сѐ додека не се донесе некоја поинаква одлука ние ќе ги почитуваме постојните рокови, кои ни се зададени. ДЗС не е тој кој треба да побара одложување, сепак има надлежни инстанци кои ја оценуваат генерално состојбата во државата“, изјави Ѓоргиева.
Вио меѓувреме, Државниот завод за статистика денеска повторно објави конкурс за избор на реонски попишувачи за Пописот на населението, домаќинствата и становите 2021. Повикот се однесува само за реоните каде недостасуваат попишувачи, а со цел да се запази принципот дека секое населено место ќе има локален попишувач кој го познава местото и населението што живее таму, како и да има доволно попишувачи кои можат процесот да го спроведат на јазиците кои се загарантирани со Уставот.
Огласот трае до 20 март 2021 година, а конкурсот е достапен на следниов линк.
На повикот имаат право да се пријават и кандидатите кои се пријавија на претходниот повик за попишувачи, но не беа во можност да присуствуваат на тестирањето.
За ангажманот лицата ќе добијат соодветен надоместок, кој се пресметува врз основа на веќе воспоставена методологија од страна на ДЗС.