Со ребалансот нема да се кратат капиталните инвестиции
Со престојниот ребаланс ќе креираме Буџет што ќе може да ја поддржи македонската економија за да биде подготвена да се врати во полна економска активност во моментот кога ќе имаме услови за целосно враќање и нема да се кратат капиталните инвестиции, најави денеска премиерот Оливер Спасовски.
-Ние разговаравме неколку пати за ребалансот во Буџетот во рамките на економскиот тим на Владата и на Економскиот совет, секако дека ќе се разговара и во наредните денови. Наша идеја е да направиме кратење што ќе биде во насока на функционирање на државата. Тука сметам пред се дека треба да останат максимално капиталните инвестиции, оние што ствараат добра економска активност, за да можеме да ги одработиме сите тие проекти. На тоа сме насочени како Влада, рече Сапсовски во одговор на новинарско прашање по полагањето цвеќе на Споменикот на ослободителите во дворот на Владата.
Прашан дали со ребалансот ќе има кратење на платите во админстрацијата, премиерот посочи дека засега нема таква одлука.
-Ги гледаме сите анализи што стојат пред нас и засега нема таква одлука. Знаете дека донесовме одлука за намалување на платите на функционерите и тоа беше една од најисправните одлуки токму ние кои имаме најголеми плати во државата да ги намалиме на минимална плата. И покрај одлуката на Уставниот суд платите да останат исти сите функционери веќе ги донираат своите плати во Фондот за солидарност што го формиравме за справување со КОВИД-19, нагласи Спасовски.