Со новата формула за цените на горивата, задоволни и граѓаните и трговците
Регулаторната комисија за енергетика ја усвои новата методологија за пресметка на цените на горивата која од денеска почна да важи. А секој понеделник од следната недела, Комисијата повторно ќе одлучува за цените на бензините.
Марко Бислимовски, претседател на ова тело, тврди дека споредено со старата формула, цените се намалуваат за 1 до 2 денари по литар.
И покрај поголемите барања и очекувања што ги имаа трговците од новата пресметка – да не им се „брцне“ премногу во џебот, нашите извори велат дека од новата методологија, сепак и тие, се горе-долу, задоволни.
Регулаторна реши да ја зголеми малопродажната маржа од сегашната 3.2 на 4.6 денари по литар, no тоа е значително помалку од предлогот на трговците со нафтени деривати таа да изнесува – од 6 до 6 и пол денари по литар. Маржата за продажба на големо ќе изнесува 1.2 денари, а од транспорт во земјава 0.75 денари по литар бензин. Од регулаторна порачуваат – трговците ќе имаат заработка, но во реални износи.
Веќе две недели бензинските пумпи самите ги определуваат цените на горивата. Од регулаторна велат дека се задоволни од примената на новата формула на стартот, бидејќи трговците не претерале, а некои и се откажале од дел од маржите.