Состанок во Владата за зголемување на пензиите

Владата и пензионерите се договорија идниот период да продолжат разговорите за раст на пензиите.
Пензиите треба да растат и методологијата по која се пресметуваат треба да се промени – тоа е единствено за кое се согласија пензионерите и Владата. Но никој не откри колкаво би било. Предлогот кој Здружението и партијата на пензионери го ставиле на маса е во пресметката да се вметне и растот на просечната плата. Од средбата со владините претставници излегоа задоволни.
„Треба да се изнајде законско решение кое ќе обезбеди сигурност за корисниците и кое ќе значи и одржливо решение. Мислам дека тоа е основна компонента која денеска беше присутна. “ изјави Станка Трајкова, претседател на здружение на пензионери
„Излегувам од оваа средба задоволен и длабоко убеден дека пензионерите ќе добијат највисоко историско зголемување на пензиите во периодот кој следи.“ истакна Илија Николовски, партија на пензионери
Нивните барања Владата допрва ќе ги анализира. И таа има свој предлог, но вицепремиерот Битиќи не го откри. Вели дека пензискиот систем е стабилен и може да издржи зголемување на пензиите, без да прецизира колкаво би било тоа.
„Во фондот за пензиско и инвалидско осигурување состојбата е стабилна, има зголемени приходи од претходната година, тенденции и трендот е на зголемени приходи и тоа осигурува дека ние може да одговориме позитивно на зголемување на пензиите .“ кажа Фатмир Битиќи, вицепремиер за економски прашања
Разговорите продолжуваат, а очекувањата се на почеток на следниот месец да се постигне конечен договор.
Во моментов усогласување на пензиите се прави два пати во годината според порастот на трошоците за живот. Во јануари пензиите пораснаа за 2,9%. Инаку најниската пензија во земјава изнесува 10 илјади денари.