Советот за национална безбедност процени дека нема потреба од прогласување вонредна или кризна состојба на целата територија на државата
Советот за безбедност на државата одлучил дека во моментов нема потреба да се прогласува кризна состојба на целата територија на државата или вонредна состојба заради справување со епидемијата коронавирус, соопшти претседателот на државата, Стево Пендаровски.
Заклучокот е дека поставеноста на државата во овој момент е соодветна и адекватна на ризиците на кои сме изложени, при што и СЗО констатирал дека во нашата држава најсоодветно се применуваат препорачаните мерки. При тоа Пендаровски посочи дека доколку има потреба може да се прогласи и кризна состојба, надвор од двете општини, каде веќе е прогласена таа мерка , Дебар и Центар Жупа.
Тој сепак потенцираше дека советот констатирал дека општ е заклучокот дека не треба да се избрзува со некои други мерки, затоа што според сите проценки не постои потреба за такво нешто. Деноноќно се мониторира состојбата, но јасно е дека кризата ќе трае и мора ресурсите да се користат според потребите.
Пендаровски испрати и апел до граѓаните да се почитуваат сите мерки кои се сугерирани од властите, бидејќи тоа е најдобар начин да се спречи ширењето на епидемијата.
Истовремено, претседателот на државата испрати апел до граѓаните да не патуваат до земјите од висок и среден ризик, како и до граѓаните кои живеат или работат во овие држави, без потреба да не се враќаат во земјата.
На почетокот на седницата на советот за безбедност, Министерот за здравство, Венко Филипче, реферирал за најновата ситуација , при што оценката е дека вестите се позитивни. Заклучокот за ситуацијата во општините Дебар и Центар Жупа е дека постои одлична соработка меѓу полицијата, армијата и локалните власти во двете општини, при што особено се истакна примерното однесување на жителите на Дебар и Центар Жупа.
Оценката е дека целосно е мобилизиран лекарскиот потенцијал во државата.