Советот за безбедност на ОН во понеделник ќе одржи седница за Косово
Извор од Руската мисија при ОН вели дека Русија и западните земји не успеале да постигнат консензус околу формата на седницата посветена на одлуката на Косово да формира војска.
Седницата на Советот за безбедност на Обединетите нации за Косово е закажана за понеделник, пишува руската агенција Тасс и повикувајќи се на дипломатски извори наведува дека Запад бара седницата да се одржи зад затворени врати на што Русија се спротивставува.
„Групата западни земји не ја оспоруваат важноста за одржување на овој состанок, но сугерираат состанокот да се оддржи зад затворени врати“, истакнува истиот извор додавајќи дека не е постигнат консензус за овие различни позиции.
Дипломатски извор додаде дека Русија и Србија побарале да се одржи седница „поради настанатата ситуација откако таканаречениот парламент во Приштина одлучи да ги трансформира Косовските безбедносни сили во војска“, спротивно на Резолуцијата 1244 која предвидува само присуство на меѓународни сили во Косово.
Како пренесува Тасс со таква цел претседателот на Србија Александар Вучиќ треба да дојде во Њујорк.
„Ние сметаме дека таквиот пристап е израз на непочитување. Зошто многу повеќечасовни седници се одржуваат во отворен формат, додека вратата се затвора кога станува збор за Србија?“, рече истиот извор.
Изворот заклучи дека може да се добие впечаток дека западните земји сакаат да го скријат проблемот зад затворени врати, пренесува Тасс.
Претседателот на Србија Александар Вучиќ изјави дека Србија поради „противправната одлука за формирање на Косовската војска“ побарал итна седница на Советот за безбедност на ОН.