Собранието мора да донесе законско решение – за финансиска помош за февруари се аплицира до крајот на март
Доблеста на пратениците треба да биде малку поголема од нивните дневно политички агенди, порача вицепремиерот задолжен за економски прашања Фатмир Битиќи на денешниот состанок во Стопанската комора. Според него Владата е извршна власт, и таа може да донесе мерки, да ги усвои на седница на Влада и законското решение да го испрати до Собранието, но потоа од самиот парламент и од народните избраници ќе зависи дали ќе имаат кворум за работа.
„Извршната власт може до одреден сегмент да направи притисок. Собранието е независно и пратениците и пратеничките групи одлучуваат кога ќе направат кворум за Собраните го прави тоа што треба да го прави. Јас не би кажал дали има друг модалитет, ние кога го креиравме законското решение за финансиска исплата на плати, поучени од претходните негативни искуства, направивме за финансиската помош за февруари компаниите може да аплицираат во целиот период од март. Тоа значи дека нема да мора законски да аплицирате до 10 март за да добиите финснсиска поддршка. Затоа и чекаме. Дури денеска ако влезе во Собраниска комисија па наредните 10 дена се изгласа компаниите ќе бидат навремено со нивните апликации.“, вели Битиќи.
Претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески упати апел до сите парламентарни партии, на денешната собраниска седница која се одржува по подолго време, да ги изгласаат економските закони.
„За денеска е најавена седница на Собранието по подолго време на која треба да поминат некои закони кој се предложени. Сакам да упатам апел до сите парламентарни партии, да имаат предвид во каква ситуација се наоѓаме и да направат максимални напори економските закони да ги пропуштат во Собранието. Иако има добра волја од страна на Владата, со кочењето се создаваат лоши импути врз економската позиција на компаниите.“, рече Азески.
Секое кочење на законите, напомена Азески, значи сериозен удар за стопанството и компаниите. Воедно министерот за финансии Фатмир Бесими посочи дека буџетот е во рамки на проекциите и е во стабилна кондиција. Тој додава дека во ниту еден момент за време на кризата не била доведена во прашање ликвидноста на буџетот, а сите мерки што се преземени ја зголемија ликвидноста во економијата.