Собранието втор ден расправа за измените на законот за минимална плата
Пратениците втор ден во Собранието расправаат за минималецот.
Кога ќе се исцрпи дебатата не се знае, но извесно е дека на крајот законот ќе биде изгласан и од пратениците на власта и од тие на опозицијата. Сепак, и денеска опозицијата критикува зошто не им прифатен амандманот за скалесто покачување и на останатите плати во јавниот сектор, а владејачкото мнозинство повторува дека за 5 години минималната плата пораснала за 100 отсто.
По успешниот договор за минималец од 18.000 денари, синдикатите до крајот на неделава ќе имаат нова средба со претставници од Владата на која ќе се разговара за усогласување на останатите плати и почитување на колективните договори. Претседателот на СОНК, Јаким Неделков, потсети дека е недозволиво да се остави работници од повеќе позиции со различен коефициент да имаат исти плати. Вели, штрајкот ќе биде неизбежен ако мартовски плати останат неусогласени.
„Ќе биде тензично и напнато ако техничкиот персонал зема 18.000 денари плата, а останатите плати не се поместат. Тогаш, некаде помеѓу 10 и 15 април кога ќе си ги видиме платните ливчиња, е тогаш мислам дека и без синдикатот да организира протест или штрајк, вработените би се самоорганизирале и би влегле во штрајк.“-Јаким Неделков, претседател на СОНК.
Државниот завод за статистика, пак, денеска објави дека просечната исплатена нето-плата лани во декември била 29.943 денари. Растот се должи поради повисок просек во секторите транспорт и складирање, градежништво и трговија на големо и мало.