Скандал ја тресе бугарската влада – агенти на тајните служби во кабинетот на Генчовска

Скандалот ги потткина повторно барањата за лустрација во безбедносните служби и надворешните работи.Прв скандал во Владата на новиот бугарски премиер Кирил Петков – соработници на тајните служби од времето на комунизмот биле ангажирани од шефицата на бугарската дипломатија Теодора Генчовска која доаѓа од партијата на Слави Трифонов – Има таков народ. Информацијата предизвика бурни реакции кај нашиот источен сосед, а Петков најави итни мерки со кои би се спречило именувањето на новите советници во кабинетот на Генчова.
-Сакам да се заблагодарам и на нашите колеги од „Има таков народ“ и на министерката за надворешни работи дека се преземени брзо мерки и тие луѓе со досиеја кои беа објавени во медиумите, нема да бидат назначени. / Секој министер како што знаете според нашиот коалициски договор, има право да го предложи својот тим, но тогаш ние во коалицискиот тим разговараме и одлучуваме за тие назначувања односно дали нашите барања соодветствуваат со тие луѓе. Во овој случајот, тие нема да бидат именувани,- Кирил Петков – Премиер на Бугарија.
Од петте советници кои требало да станат дел од кабинетот на Генчовска, најзвучно е тоа на поранешниот шеф на бугарската тајна служба Петко Сертов, а покрај него, за шеф на кабинетот на новата бугарска министерка предложен да стане Петјо Петев – долгогодишен соработник на тајната полиција во времето на комунизмот. Сите советници биле на возраст над 60 години со долги кариери во тајните служби. Иако според најавите тие нема да бидат дел од кабинетот на Генчовска, од опозициската ГЕРБ излегоа со обвинувања дека државната безбедност се враќа на голема врата.
-Денеска со Бугарија управува нова Влада, од која дел е партија која никогаш не се извинила за тоталитарното минато – Бугарската социјалистичка партија. Резултатот е јавен, државната сигурност се врати на „бел коњ“, во политичкиот кабинет министерството за надворешни работи. / Кој ги направи тие назначувања? Кој управува со процесите за враќање на државната безбеднот на клучни позиции во власта? Да не излезе дека сме биле во право и за друго, дека реалната власт всушност се наоѓа во рацете на Претседателот,- Даниел Митов – ГЕРБ.
Скандалот ги потткина повторно барањата за лустрација во безбедносните служби и надворешните работи. Таква најава стигна од партијата Демократска Бугарија на Христо Иванов, која е дел од Владината коалиција од каде кажаа дека лустрацијата е потребна за да се расчисти со наледството од минатото.