Скандалозниот Мерко повторно ќе се кандидира за градоначалник на Струга
![](https://edo.com.mk/wp-content/uploads/2021/08/merko.png)
Панел дискусијата организирана од страна на Општина Струга, по повод 20 годишнината на Охридскиот рамковен договор, искористена за промоција на кандидатурата на Рамиз Мерко за уште градоначалнички мандат. Во име на лидерот на ДУИ,пораката на Ахмети ја пренесе, првиот вицепремиер Артан Груби,кого го прашаваме со што заслужил Мерко четврти маднат во Струга?
Затоа што сме убедени дека со господинот Мерко ќе победиме и ќе продолжи успешното менаџирање со Струга, затоа што тоа го бараат и граѓаните.Со што заслужи уште еден градоначалнички мандат Мерко и покрај сите афери кои го следат изминатиот период? Го заслужи со гласовите на граѓаните,го заслужи со работата-рече Артан Груби.
Мерко во трите мандати зараборил 14 кривични пријави,но само еден предмет е процесуиран во струшкиот Основен суд за кој е поднесен и обвинителен предлог,но за Груби тука нема ништо спорно.
Знаете пријави има од Претседател, Премиер, од Претседател на Собрание, министри па сите, тоа не значи дека личноста против кого има пријава дека е крив,туку напротив ние сме јавни личности и сме на тапет на критика рече Груби.
Антикорупциската комисија отвори предмет по наводи од 2019-та година и поднесе иницијатива за кривично гонење на Мерко,за да се утврди дали тој незаконски трошел државни средства спротивно на јавниот интерес и на законите.
За потсетување,во 2018-та година со пари од општината, за сума од 66.000 евра, Мерко купи автомобил Ауди А6 и 4-ри шкодиво вкупна вредност од 114.000 евра. Од општинскиот буџет во 2020-та потроши 27.500 евра, сред пандемија, неделно трошејќи над 2.000 евра на гозби и гоштевања. Ако се земе пак периодот од 2018, 2019,и 2020-та, таа сума изнесува скоро 78.000 евра.Но,богатите софри и луксузниот живот не му преседнуваат,па така само во период од јануари до јули годинава, на три угостителски објекти им исплатил 604.562 денари или 9.830 евра.
За илустрација, само во еден ден, на 26-ти мај во ист угостителски објект потрошил 141.555 денари, или 2.300 евра, а истиот ден се подновил, обновувајќи ја гардеробата за сума од 482 евра.
Сакавме да го прашаме Мерко со што ќе бара од стружани уште еден мандат и дали со промовирањето на неговата кандидатура,пред присутните ја прошета и новата гардероба, но тој вешто ја избегна нашата камера и замина на коктел.На панел дискусијата имаше 60 луѓе,но во затворената и не така голема сала, никој не носеше маска. Кога стигнавме, од кабинетот на Мерко не прашаа како сме дошле,кога не биле поканети медиуми. Што зборуваа дискутантите на панел дискусијата не знаеме, оти немаше превод на македонски јазик.