Ситуацијата во Азија станува тензична: Јапонија се вооружува за да може да им се спротивстави на Русија и Кина!
Плановите се најјасен показател досега дека Јапонија има амбиции да стане регионална сила, во моментите кога Кина ги зајакнува своите сили, а Русија го зголемува притисокот врз САД.
Јапонија ќе ги зголеми средствата за набавка на напредни невидливи ловци, ракети од долг домет и друга опрема во текот на идните пет години со цел да ги поддржат американските сили соочени со кинеската воена моќ во западниот дел од Тихиот океан.
„САД останува најмоќна светска нација, но ривалитетите на државите избиваат на површината и можеме да ја видиме важноста на стратешкото натпреварување со Кина и Русија кои што го доведуваат во прашање регионалниот поредок“, стои во нацртот на десетгодишната програма за одбрана која што денес ја одобри владата на јапонскиот премиер Шинзо Абе.
Кина која што е втора најголема светска економија, распоредува нови бродови и авиони во водите кон Јапонија, додека се чека на Северна Кореја да го исполни ветувањето и да ја отстрани својата нуклеарна и ракетна програма.
Според новиот петгодишен план на владата од Токио, Јапонија планира да купи дури 45 борбени авиони од типот „Ф-35“ вредни околу четири милијарди долари кои што ќе бидат дополнување на 42-та авиони кои што јапонската воена авијација веќе ги поседува.
Меѓу тие авиони, 18 се од STOVL B верзијата на „Ф-35“ кои што можат да полетаат и слетаат вертикално, а овие авиони ќе бидат распоредени на јапонските острови на „работ“ на Источното кинеско море.
Двата носачи на хеликоптери на јапонската воена морнарица сега ќе бидат прилагодени за потребите на операциите на „Ф-35Б“ авионите.
Нарачката на воени авиони ќе им помогне на Јапонците да ја избегнат трговската војна со Соединетите Американски Држави. Американскиот претседател Доналд Трамп кој што се закануваше со воведување на царини на јапонските автомобили му се заблагодари на Шинзо Абе за купувањето на авионите на неодамнешниот Г20 самит во Буенос Аирес.
Јапонија од САД ќе купи и два против-воздушни радари за евентуална одбрана од севернокорејските ракети, потоа четири авиони-цистерни на „Боинг“ за да се зголеми дометот на јапонските авиони и девет “Northrop Grumman E-2 Hawkeye” авиони за рано предупредување.
Јапонија планира во текот на следните пет години да потроши 224,7 милијарди долари на воена опрема, што е за 6,4% повеќе од тоа што беше претходно планирано за истиот период.