ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

Сите претседателски кандидати доставија потписи за учество на изборите

Сите седум кандидати за претседател со соодветни потписи ги доставија своите кандидатури до ДИК. Оттаму во рок од 24 часа треба да ја потврдат нивната автентичност. Пред еден ден со потписи се пријавија кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Горгана Силјановска, Билјана Ванковска од Левица и кандидатот на ДУИ, Бујар Османи.

Два дена претходно, со граѓански потписи кандидатура поднесоа Стево Пендаровски, првиот човек на Карпош Стевче Јакимовски, градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски и претседателот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари.

Денеска политичките судири меѓу партиите се фокусираа на граѓански потписи кои, според СДСМ, кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска, не ги поднела. Според нив, таа ги доставила само потписите на пратениците.

Истото го тврдат и изборниот штаб на Стево Пендаровски.

„Доставувањето на потписите на пратениците покажа две работи – Силјановска Давкова не е натпартиски кандидат, туку само кандидат на ВМРО-ДПМНЕ и дека Давкова и ВМРО-ДПМНЕ излажале десетици илјади граѓани кои чекале со часови да потпишат, а нивните потписи наместо за кандидатура, отишле во ѓубре“, рекоа од изборниот штаб на Пендаровски.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека собирањето потписи е техничко прашање, а Силјановска ужива најголема поддршка од граѓаните од кој било друг кандидат.

„Поднесувањето на кандидатурата е технички процес, професорката Силјановска Давкова историски имаше најголема излезност на граѓани при собирањето потписи за нејзината кандидатура, а тоа е најголемата болка за Пендаровски и СДС. Поддршката на граѓаните е јасна и несомнена, а СДС и Пендаровски за тоа ќе се убедат на 24 април и 8 мај. На Пендаровски му препорачуваме барем во последните денови од мандатот да се откаже од својата најсилна карактеристика – озборувањето и изнесувањето лаги во јавноста“, рекоа од ВМРО-ДПМНЕ.

Кампањата за претседателските избори почнува на 4 април, а изборите се на 24-ти тој месец. Вториот круг од претседателските избори е на 8 мај заедно со парламентарните.

Гласање за парламентарни избори нема да има во дијаспората бидејќи не е постигнат цензус од најмалку 5.355 пријавени граѓани со право на глас. За претседател ќе се гласа. За тоа се пријавиле околу 3.000 иселеници, а по проверката, прифатени се околу 2.600 апликации. Најголемиот дел се во Германија, Словенија, САД, Швајцарија, Канада, Австрија, Италија и Австралија

Ве молиме следете не и стискајте лајк:
error
fb-share-icon
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.