Силјановска Давкова: Местото на Република Македонија ѝ е во ЕУ!
Мораме да бидеме искрени кон граѓаните и да не манипулираме со членството во ЕУ за лични и дневно-политички цели. ЕУ е нашиот најголем донатор и поддржувач на реформите, нашиот најголем трговски партнер и нашето семејство во кое припаѓаме, не само историски и географски, туку и според вредностите кои ги споделуваме. Кампањата за референдумот беше полна со лаги и хиперболи во однос на членството во ЕУ и создаде погрешна перцепција и лажни очекувања кај дел од граѓаните, смета кандидатот за претседател на ВМРО ДПМНЕ
Mестото на Република Македонија е во ЕУ, смета Гордана Силјановска Давкова, претседателскиот кандидат поддржан од најголемата опозициска партија ВМРО ДПМНЕ. Таа смета дека до членство во ЕУ се доаѓа со напорна работа и исполнување на реформските приоритети и Копенхашки критериуми.
Мојот мандат ќе биде посветен на тоа да станеме полноправна членка на ЕУ час поскоро, но не смееме да се залажуваме или да ги манипулираме граѓаните со празни предизборни ветувања заради лична политичка добивка. Ни преговорите, ни членството во ЕУ сами по себе нема да направат чудо, нема да донесат повисок стандард и поквалитетен живот. „Чудата“ треба да ги создадеме самите со засукување на ракавите.
Господинот Пендаровски, свесно или ненамерно, побркал 900 со 90 милиони. Или самиот не разбира или мисли дека ние не разбираме, па што и да каже ќе „пројде“. Преговорите со ЕУ нема да започнат оваа година. Со отворањето на преговори нема да добиеме повеќе средства од европските фондови од она што сега го добиваме и од она што ЕУ веќе го предвидела за нас во буџетските планови до 2027 година. Тоа се во просек по 90-95 милиони евра во периодот до 2020 година и 100-105 милиони евра во периодот 2021-2027 година од ИПА, како најзначаен извор на европски фондови за сите земји од Западен Балкан и Турција. Повеќе средства би добиле на располагање преку европските структурни фондови кои ќе станат достапни дури кога ќе станеме земја членка, а не кога ќе ги почнеме преговорите.
Мораме да бидеме искрени кон граѓаните и да не манипулираме со членството во ЕУ за лични и дневно-политички цели. ЕУ е нашиот најголем донатор и поддржувач на реформите, нашиот најголем трговски партнер и нашето семејство во кое припаѓаме, не само историски и географски, туку и според вредностите кои ги споделуваме. Кампањата за референдумот беше полна со лаги и хиперболи во однос на членството во ЕУ и создаде погрешна перцепција и лажни очекувања кај дел од граѓаните. Тоа сериозно го нарушува кредибилитетот на ЕУ во земјата, па затоа довербата на граѓаните кон Унијата опаѓа.
Ниту еден кандидат за претседател не смее да си дозволи со вакви груби манипулации. Уште помалку смееше Владата да го прави тоа за време на референдумот. Ниту еден кандидат за претседател не смее да си поигрува со довербата на граѓаните!
Затоа, уште еднаш ве повикувам, сите заедно да се вклучиме во градењето на нашата европска иднина! Нема пократок пат, нема брзи решенија, треба многу труд, работа и стручност. Така, и само така ЕУ нема да биде недефинирана цел која ќе се одлага од година во година, туку реалност која ќе ја живееме сите!, напиша Силјановска Давкова на фејсбук.