СЗО: Порастот на новозаболени со коронавирус не е резултат на вториот бран
Во најмалку 20 американски сојузни држави регистрирано е зголемување на бројот на инфицирани, а најмалку девет пријавиле дека минатата недела дошло до пораст на хоспитализирани лица.
Некои земји, како Кина, забележаа раст на случаите со корона зараза по отворањето на туристичките атракции, ресторани и други содржини.
Но, не е правилно овој раст на новозаразени да го нарекуваме „втор бран“, изјави епидемиологот Мајкл Рајан, извршен директор на Програмата за вонредни ситуации на СЗО на конференција за новинари. Повеќето од државите во овој момент се уште го преживуваат првиот бран на пандемијата, додаде тој.
Како што пишува Бизнис инсајдер, иако за многу земји заврши врвот од првиот бран, тоа не значи дека повторниот раст на случаи претставува нов бран, барем не на начин на кој го дефинираат поголемиот дел од научниците и стручњаците за јавно здравство.
Со други зборови, заразата не падна на многу ниско ниво, туку стагнира на ниско ниво, а потоа одново се врати, објаснува Рајан.
Додава дека зголемувањето на бројот на заразени е поврзан со олабавувањето и враќање на вообичаениот ритам на живот.
Воопшто не изненадува дека во оние земји каде се укинати строгите мерки на ограничување одново се појавуваат нови жаришта и нови случаи. Тоа не значи дека се работи за втор бран, истакнува Рајан.