СЗО: Коронавирусот, најверојатно, потекнува од лилјаци, а не од лабораторија
Коментарот од здравствената агенција на Обединетите нации доаѓа откако Трамп минатата недела изјави дека САД се обидуваат да утврдат дали вирусот потекнува од лабораторија во Вухан
Доказите покажуваат дека коронавирусот потекнува од лилјаци кои го пренеле на луѓе во Кина кон крајот на 2019 година, односно дека овој вирус не бил манипулиран или направен во лабораторија, соопшти денеска Светската здравствена организација.
Коментарот од здравствената агенција на Обединетите нации, како што пренесува, Си-ен-би-си, доаѓа откако американскиот претседател Доналд Трамп минатата недела изјави дека САД се обидуваат да утврдат дали вирусот потекнува од лабораторија во Вухан, централна Кина.
„Сите достапни докази покажуваат дека вирусот има животинско потекло и не е манипулиран или конструиран во лабораторија или на некое друго место“,
изјави портпаролката на СЗО, Фадела Чаиб, на брифинг во Женева.
Актуелни и поранешните американски разузнавачи изјавија за Ен-би-си њуз минатата недела дека се истражува дали коронавирусот излегол случајно од кинеска лабораторија која проучувала болести кај лилјаци. Засегнатата лабораторија го негираше обвинувањето нарекувајќи го „теорија на заговор“. Но сè уште не е јасно како вирусот се пренесувал од животни на луѓе.