Се спремаат болниците за на есен, со надеж дека нема да се наполнат

Болниците ширум државата уште од сега се спремаат за на есен, со надеж дека нема да се исполнат во периодот кога е можно здравствениот систем да го зафати посериозен наплив на пациенти кои ќе имаат грип, ковид и други респираторни заболувања. Министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес конференција рече дека на есен ризиците ќе растат, а со тоа е можно, есенскиот бран на коронавирусот да биде посилен и од првиот и од вториот бран, не само кај нас туку и во светски рамки.
-Пред нас имаме летни месеци. Изминатите 5-6 дена факторот на пренос е под 1 и се надевам дека така ќе остане и во следниот период и врз основа на тоа ќе видиме намалување на бројот на пациенти. Но, доаѓаат и есенските месеци, кога времето нема да биде убаво, луѓето ќе бидат повеќе на затворено, ќе почнат да работат и школите. Тоа се сериозни ризик-фактори, заедно со останатиот број пациенти, поради друга патологија кои очекувано би ги пополниле истите капацитети кои се сега пополнети, може да претставуваат навистина сериозен предизвик за нашиот здравствен систем, многу поголем и од првиот и од вториот бран, не само кај нас, туку секаде, посочи Филипче.