ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

Се продлабочува кризата со енергентите

Кризата меѓу Русија и Украина сѐ повеќе ескалира, што ги зголемува и стравувањата дека тамошните случувања ќе имаат одредени ефекти во Европа, но и во регионот на Западен Балкан, а тука е засегната и Македонија. Ескалацијата на руско-украинската криза го отвори прашањето што би можело да се случи при натамошно влошување на ситуацијата и дали потенцијално може да донесе влошување на европските пазари во делот на енергентите, зголемување на цените на енергијата, неиспорака на руски гас итн.
Професорот на Институтот за термичко и енергетско инженерство при Машинскиот факултет, Ристо Филкоски, вели дека кризата само навидум е помеѓу Украина и Русија, а реалноста е многу покомплексна и поширока и изворот на проблемите е некаде на друга страна, а последиците ги трпат Украина најмногу, Русија и европските земји, вклучувајќи ја и Македонија.
– Очигледно нестабилноста му е потребна на некој трет, а, за жал, Украина и сѐ друго е само колатерална штета. Мора да се констатира дека работите во енергетскиот сектор се комплицираат. Се разбира, кризата може и речиси сигурно ќе доведе до влошување на европските пазари во делот на енергентите. Тоа веќе се чувствува на берзите, а релативно брзо ќе се почувствува и подиректно, во секојдневието – смета Филкоски.
Патем, тој додава дека цената на гасот во Европа порасна за околу 10 отсто уште првиот ден по руското признавање на независноста на Донецк и Луганск. И како што спомнува тој, според одредени процени, поради најавеното запирање на процесот на сертификација на Северниот тек 2, природниот гас во Европа повторно ќе достигне до 2.000 евра за 1.000 кубни метри (од сегашните околу 900 евра, што е исто така многу повисока цена од таа од пред неколку месеци).

– Поради кризата во Украина, Македонија ќе трпи последици како и други земји во регионот и во Европа. Може да се очекува пораст на цената на нафтата на светскиот пазар, што ќе повлече притисок за покачување на цените на горивата. Што се однесува до природниот гас, првите најави од Русија се дека ќе продолжи вообичаено да ги снабдува корисниците низ светот, вклучувајќи и преку гасоводните инсталации што водат преку Украина. Се разбира, тоа е остварливо само доколку не дојде до понатамошно сериозно разгорување на кризата – посочува Филкоски.
Меѓутоа, професорот укажува дека исклучувањето на Русија од банкарскиот систем и други мерки во финансиско-економскиот сектор може да доведат до дополнителни тешкотии во тргувањето, што веројатно ќе ги мултиплицира проблемите и во однос на договорите за снабдување со природен гас.
– Ако состојбата во и околу Украина дополнително ескалира, не е тешко да се замисли дека може да дојде и до привремен целосен прекин во снабдувањето и во Европа, но и во Македонија. Наспроти тоа, доколку кризата не ескалира, одлуката на Германија за запирање на процесот на сертификација на гасоводот Северен тек 2 не мора задолжително да влијае врз снабдувањето на Европа со енергија. Впрочем, тој гасовод сѐ уште не е во функција. Освен тоа, со наидувањето на пролетта, има изгледи последиците да не се почувствуваат премногу драстично, но негативни консеквенции врз економиите во Европа секако ќе има како резултат од покачувањето на цените на енергентите – потенцира Филкоски.
Што се однесува до снабдувањето со енергенти, професорот објаснува дека ниту САД, ниту честопати спомнуваниот Катар, а ни која било друга земја нема капацитет со втечнет гас да го замени целосно, а особено во краток рок, доставувањето природен гас од Русија во Европа.

– Дури и да го оставиме настрана прашањето на цената (со која во нормални околности втечнетиот гас од преку океанот ни случајно не може да биде конкурентен), тука се јавува и проблемот со недостиг од капацитет, односно бродови-танкери за транспорт на втечнет природен гас, како и на терминали, т.е. инсталации за прифаќање и негово доведување во гасна состојба. Освен тоа, најголем дел од испораките на втечнет природен гас е поврзан со точно определени дестинации и со долгорочни договори. Доколку неизвесноста потрае до есенските месеци, што е многу веројатно, не е исклучено дури и најзакоравените зелени во европските земји да се согласат за повторно вклучување на термоцентралите на јаглен, заради покривање на недостигот од електрична енергија – нагласува професорот.
Министерот за финансии Фатмир Бесими во однос на економската состојба во земјава и глобалната економска криза, за која придонесува руско-украинскиот конфликт, истакна дека иако не сака да шпекулира, сепак признава дека кризата меѓу Украина и Русија може потенцијално да донесе влошување на европските пазари.
– Доколку тензиите со Украина ескалираат или не се решат во насока на предвидливост, веројатно дел од тоа ќе влијае врз цените на енергентите пред сѐ. Тоа зависи од импактот врз пазарите во Европа во делот на енергентите, што веќе се почувствува. Може да биде полошо ако нешто се случи, ако ескалира ситуацијата и врз цените, имаме и едно и друго. Други ескалации, зависи во која насока ќе бидат импликациите, може да има евентуален недостиг од енергија, но тоа сега за сега останува шпекулативно сценарио – вели Бесими.
Сепак тој додава дека во овој момент тоа се само прогнози и дека никој не може да каже со прецизност што доколку состојбата ескалира и дополнително се комплицира и со сето тоа да се влоши состојбата на пазарите.

Ве молиме следете не и стискајте лајк:
error
fb-share-icon
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.