ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

Се нормализира автобускиот превоз во Скопје, владата обезбеди нафта за ЈСП

Јавниот градски превоз од изутрината се нормализираше. Откако владата вчера донесе одлука да му позајми нафта на ЈСП од државните резерви, за наредните седум дена, автобусите од гаражите се вратија на скопскиот асфалт. Граѓаните велат дека сега градскиот превоз е почест и дека не се чека со часови на постојките.

Директорот на ЈСП, Драги Кушовски, потврди дека нафтата навреме пристигнала во базните станици на претпријатието во Автокоманда и Ѓорче Петров и дека во текот на ноќта, резервоарите на автобусите биле наполнети.

На синоќешната вонредна седница, советниците во Град Скопје со 29 гласа, „за“ го усвоија заклучокот со кој предложија поддршка од Владата за ЈСП „Скопје“, за да може претпријатието редовно и нормално да функционира.

Одлуката на Владата ја поздравија советниците од ВМРО ДПМНЕ и СДСМ и рекоа дека Владата направила одличен потег, иако решението важи само за наредните седум дена. На градот Скопје му останува да изнајде долгорочно решение.

И градоначалничката го пофали Мицкоски за одлуката да се даде државна нафта за градските автобуси. Арсовска се пофали дека јавните претпријатија во време на криза без ниту еден денар помош, успеале да ги испорачаат услугите на граѓаните, но се правдаше дека таа не била виновна зошто немало нафта, туку Бирото за јавни набавки, зошто ја стопирало процедурата.

На синоќешната вонредна седница беше постигнат и консензус од координаторите на советничките групи, заедно со единицте на локалната самоуправа (ЗЕЛС) да продолжат разговорите со Град Скопје и јавните претпријатија за нормализирање на состојбите со градскиот превоз.

Инаку градоначалникот на Шуто Оризари Курто Дудуш за денеска најави протести со барање за нормализирање на јавниот превоз, а на истиот ќе се приклучат и студентите од УКИМ и синдикалните организации. Протестот ќе се одржи пред бараките на градот Скопје.

Ве молиме следете не и стискајте лајк:
error
fb-share-icon

Можеби сте пропуштиле

Британската и македонската Влада денеска во Лондон го потпишаа договорот за соработка. На договорот се потпишаа британскиот министер за извоз Гарет Томас и вицепремиерот и министер за транспорт и врски Александар Николоски, свеченото потпишување се одржа во историската зграда на Стариот Адмиралитет во Лондон. Со потпишувањето на овој документ, на Македонија ѝ се ставаат на располагање 5 милијарди фунти (6 милијарди евра) за финансирање на капитални проекти во повеќе стратешки сектори. „Стратешкото партнерство со Обединетото Кралство, го гледаме како нешто што ќе ја доведе Македонија до едно ново ниво. Денес потпишуваме Договор Влада со Влада за развојни-инфраструктурни проекти во клучни сектори, како што се: транспорт, образование, животна средина, информатичка технологија, како и други сектори кои што ќе ги развиваме, тука е здравството, но и образованието и ќе продолжиме да соработуваме во претстојниот период. Навистина сме благодарни што Обединетото Кралство, со својот Инструмент за поддршка на надворешно финансирање, постави рамка од 5 милијарди фунти, што е најголемиот договор што Македонија го потпишала во својата историја во однос на економијата. Навистина сме благодарни за тоа и ова го гледаме како одлична можност за целата држава да се развива. Веќе имаме три проекти кои што се подготвени. Тоа е проектот за брзата железница на Коридорот 10, здравствениот проект за болници и секако проектот за образование, за Медицинскиот факултет, а во претстојниот период ќе бараме нови проекти во секторите за енергетика и животна средина, но и други проекти секако“, изјави Николоски по потпишувањето. Министерот за извоз Томас рече дека ова партнерство „отвора ново поглавје во нашите билатерални односи со Северна Македонија“. „Велика Британија има богато искуство во испораката на висококвалитетна инфраструктура низ целиот свет и среќен сум што го започнувам ова ново партнерство што ќе им помогне на повеќе британски бизниси да извезуваат во Северна Македонија“, рече Томас. Од шесте милијарди евра финансиска рамка со Обединетото Кралство во првиот циклус од пет години ќе се повлечат околу 2,2 милијарди евра, изјави министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска во емисијата „360 степени“. „Две милијарди на пет години се по 400 милиони евра. Толку е годишното зголемување на јавниот долг по однос на овие инвестиции кои, од друга страна, ќе придонесат за раст на економијата. Никаде не пишува дека имаме задолжително повлекување на петте милијарди, а британската Влада гарантира дека Македонија кога ќе ги земе кредитите, ќе ги врати“, рече Димитриеска-Кочоска. Министерката рече дека таа не може да даде повеќе детали за парите, висината на каматата и се останато, се додека не добие готов проект на маса. „Ќе мора да седнеме и со министерот за транспорт да се разговара да каже кои се проектите и потоа ние како Министерство за финансии, покрај што ќе добиеме понуда од банката по процедурите од финансии, ќе си побараме понуда и од други меѓународни институции, затоа што тоа го налага законот. Така што, во овој момент не би можела да зборувам повеќе детали затоа што немам зрел проект пуштен во Финансии, врз основа на кој ќе барам понуда од повеќе банки и ќе излезам да кажам колку е точно каматата би било несериозно. Она што го знам и го имам како информација, се разговара за клинички во Штип, болница во Кичево и онаа брза пруга“, рече министерката Димитриеска-Кочоска.

Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.