Се зголеми бројот на починати од новиот вирус во Кина
Празниците за кинеската нова година се продолжени од 30-ти јануари до 2-ри февруари. Целта е луѓето да останат дома, и заразата од короноворисот да стивне, откако денеска билансот на жртвите е 81. Заразени се речиси 3 илјади лица, од кои само во изминатово деноноќие 769. Во критична состојба се 460 луѓе, поради што ситуацијата не е добра, соопштија кинеските здравствени лица.
Во моментов, превенцијата и контролата на епидемијата е во критичен момент. Неопхода е целосна мобилизација на заедниците, вклучително и руралните заедници, да се вклучат сите во мрежата на следење, да се обезбедат домаќинствата да ги практикуваат мерките за превенција и контрола. Со стабилна групна контрола и превенција во заедниците, ефикасно може да се избегне ширење на заразата.
Вухан веќе ја гради втората болница каде треба да се хоспитализираат болните. Ќе биде готова за помалку од една недела. Околу 60 милиони луѓе се во делумен или целосен карантин, бидејќи кинеските власти во неколку градови забранија влез и излез од градот. Оние кои престојувале во градот од каде почна заразата треба да се пријават во карантин.
Вирусот продолжува да се шири во светот, каде што се регистрирани 50 заразени случаи, од кои петмина во САД, осум во Австралија, а во Европа, тројца се во Франција. Делегацијата на ЕУ повикува на итна евакуација на европските граѓани кои се во Кина, а за мерките како ќе се повлекуваат ќе соопшти наскоро.
На аеродромите веќе се поставени термалните камери и се зајакнити мерките за безбедност. Сепак, иако бројот за заболени расте од ден на ден, се очекува врвот да се достигне околу 8 февруари, за време на Празникот на Лампионите, пред да почне да опаѓа.
Кинеските научници веќе почнаа со наоѓање на вакцина за вирусот кој предизвикува воспаление на белите дробови. Но, истиот е помалку опасен од Сарсот, иако се слични. Болеста се пренесува по респираторен пат, но смртноста е многу помала, а симптомите кај најголемиот број пациенти се бенигни. Всушност луѓето треба само да ги мијат рацете многу почесто и да продолжат понатаму, велат стручњаците.