ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

Сертификатот за прележаност ќе важи подолго – 180 дена од моментот на позитивен ПЦР тест

Се продолжува времетраењето на важноста на потврдите за прележан Ковид. Во изминатиот период критиките беа гласни дека 45 дена важност на потврдите е нелогичност на надлежните, а новиот состав на Комисијата за заразни болести веќе на вториот состанок одлучи да препорача 180 дена или шест месеци да важи документот кој служи како доказ дека лицето во скоро време прележало Ковид. За разлика од овој документ, сертификатот за вакцинација е поактуелен во дел од земјите кои веќе го укинуваат како валиден документ. За него Комисијата сè уште не е подготвена да препорача било што, со оглед на тоа што вирусот силно се шири низ државата периодов.

Комисијата уште крои планови како да се изведе скринингот на учениците во училиштата Во меѓувреме епидемиолозите од Институтот за јавно здравје ги анализираат насобраните Ковид-статистики. Се констатира дека смртноста е висока, а тоа што и вакцинирани лица можат да завршат со лош исход на болеста докторите го припишуваат на сплет од дополнителни и тешки болести, кои се случува еден пациент да ги има и повеќе на број. Две вакцини веќе може да се и недоволни затоа што бледнее имунитетот после шест месеци и затоа акцентот треба да се стави на трета доза, препорачува професорот Александар Петличковски. Од позиција на претседател на Комисијата за заразни болести тој кажа дека сепак сè уште не се размислува за воведување задолжителна вакцинација за одредени категории граѓани.

Во меѓувреме, од денес почнува да важи и новиот начин за добивање на решенијата за изолација кој е различен од претходното Вибер-испраќање на документот. На веб-страницата на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, наместо списоци со решенија, се наоѓа банер на десната страна кој со еден клик Ве пренасочува на веб-страницата vakcinacija.mk. Веќе позната и доста користена платформа каде што граѓаните ги имаат на увид податоците за извршената вакцинација и можат да ги преземат сертификатите исто како што можат да ја преземат и потврдата за прележан Ковид. Со креирање на профил и внесување на податоците, секој пациент може таму да си го преземе своето решение за изолација и само тој да има увид во истото.

Ве молиме следете не и стискајте лајк:
error
fb-share-icon
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.