Седници на ИО и ЦО на СДСМ за формата на продолжување на преговорите со ВМРО-ДПМНЕ

Највисокото раководство на СДСМ ќе дебатира како да се продолжат разговорите за уставните измени со ВМРО-ДПМНЕ, по лидерската средба Ковачевски-Мицкоски.За владејачката партија во пресрет на вечерашните партиски седници на Извршниот и Централниот одбор, нема никаква дилема дека Мицкоски го променил ставот и ја прифатил подадената рака за промена на уставот, и сметаат дека идејата за широка влада со учество на опозиционерите е добра основа за почеток на политичките преговори. Одложеното дејство на уставните измени за нас е прифатливо до одржувањето на втората меѓувладина седница, додаваат од СДСМ.
-Нема никаква потреба ВМРО-ДПМНЕ да манифестира толку голема нервоза. Нам ни е јасно е дека промената на ставот можеби дојде наеднаш, дека паднаа во вода сите лаги за францускиот предлог, преговарачката рамка и за договорот. Го разбираме и тоа дека со една изјава се избришаа нотарските изјави и потписите на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ против уставните измени.- Дарко Каевски – портпарол на СДСМ
Опозициската партија децидно тврди- ставот на ВМРО-ДПМНЕ е конзистентен и нема да се промени, за уставни измени може да се разговара само ако има одложена примена до членството на Македонија во Европската Унија. Бараат оставка од премиерот Ковачевски и оценуваат дека владејачката партија се плаши од ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи доколку се реализира предлогот за широка Влада, на површина ќе излезел криминалот на власта.
-Чудно е што Ковачевски денеска држи состаноци за предлози што претходно ги одби што е доказ за негова погрешна проценка. Би требало да поднесе оставка и заради тоа и заради сите кризи што во коишто ја втурна Македонија. Нервозата е во СДС затоа што ДУИ оди во опозиција и дел од разумните во таа партија знаат дека ВМРО-ДПМНЕ ќе води бескомпромисна борба со криминалот во сите редови. Ако не грешеле не треба да се нервозни. Очекуваме Ковачевски да си поднесе оставка.- Наум Стоилковски – портпарол на ВМРО-ДПМНЕ
За чекорите кои се неопходни за почеток на преговорите, и поддршката од САД за Македонија, премиерот Ковачевски вчера разговарал и со заменик шефот на Мисијата на САД во земјава, Ерик Мејер.