Северен тек 2 ќе биде довршен годинава, јави Газпром
Изградбата на гасоводот Северен тек 2 ќе биде довршена оваа година, изјави денес претседателот на управниот одбор на Газпром Виктор Зубков.
„Работата активно се одвива, остана уште многу малку. Нормално, годинава тоа дефинитивно ќе биде завршено. Штета за изгубеното време, но се случи“, кажа Зубков, а пренесуваат руските медиуми.
Според него, одработени се меѓу 90 и 92 отсто од работите.
Коментирајќи ги извештаите на германскиот печат дека Берлин во преговорите со Вашингтон наводно го отворил прашањето на јакнење на енергетскиот сектор на Украина, Зубков се спротивстави на можна ревизија на договорот за транзит на рускиот гас по украинската рута кон Европа.
„Сите договори склучени со Украина се на сила“, кажа тој. „Важно е да се заврши Северен тек 2 и во меѓувреме да продолжи снабдувањето со количествата предвидени со договорите, снабдувањето на Европа преку Украина“, додаде.
Проектот Северен тек 2 вклучува изградба на две линии на гасоводот со вкупен капацитет од 55 милијарди кубици природен гас годишно од брегот на Русија преку Балтичкото Море до Германија. Работите сопреа во декември 2019 откако швајцарската компанија Олсис се повлече од поставувањето цевки поради најавените американски санкции. Но, во декември 2020 работата продолжи. За гасоводот во моментов се поставуваат цевки во територијалните води на Данска.