ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

СДСМ и ДУИ на пат кон непартиски кандидат

Во отуство на прецизни одговори за односите меѓу коалициските партнери по тензичниот викенд, СДСМ и ДУИ постигнаа договор за заеднички претседателски кандидат. Се прават анализи: партиски или непартиски кандидат?

Лидерите на СДСМ и ДУИ се договорија на претседателските избори да настапат со заеднички кандидат. Името ќе го соопштат в петок, по враќањето на премиерот Зоран Заев од официјалните посети на Романија и на Австрија. Ова е епилогот од вчерашната средба Заев-Ахмети, од која, покрај одлуката за заеднички кандидат, воопшто не стигнаа одговори дали се разговарало и за собраниските настани од минатиот викенд, кои ги раздрмаа односите во владејачката коалиција. До денес неодговорени останаа следните прашања:

– Во какви околности му се сплошило на пратеникот на ДУИ, Агим Шаќири, член на Комисијата за деловнички и мандатно имунитетни прашања? Односно, дали дел од вечерта кога Комисијата расправаше за имунитетот на Вељаноски, Шаќири ја поминувал во кафуле со функционери на ДУИ?

– Зошто, наводно, било пратено возило до Чегране по неговата заменичка во Комисијата, пратеничката Мирсада Емини Асани, кога таа користи свој превоз до парламентот и за тоа добива надоместок за патни трошоци?

– Зошто претседателот на парламентот, Талат Џафери, и пред 22 дена не ја заврши седницата за гласање за имунитетот на пратеникот Љупчо Димовски,

туку изјави дека немало мнозинство од 61 глас за изгласување на одлука? Дали негова обврска е да ги почитува законските и деловнички процедури или да прави проценки?

– Зошто Џафери дури за 21 часот ја закажа седницата за имунитетот на Вељаноски, знаејќи дека рокот за гласање истекува до полноќ?

Токму последново прашање на ДВ беше повод претседателот на парламентот еднострано да го заврши разговорот со изјава: „Не ме испитувајте, не сум јас на суд“, целосно игнорирајќи го фактот дека работа на медумите е да поставуваат прашања, а дека надлежните имаат обврска транспарентно да даваат одговори.

Четворката и натаму доминира

Во отуство на јасни одговори за јавноста – какви се односите меѓу коалициските партнери, тие постигнаа договор за заеднички претседателски кандидат.

„Направивме суштинска анализа и се договоривме да воспоставиме еден стандард во нашата земја, иако обиди имаше и порано за тоа, меѓутоа беа неуспешни, за да дадеме порака до нашите граѓани дека имаме доволно зрели политички партии, но и општество, кои да може да донесат заеднички одлуки за претседател на државата“, изјави Ахмети по едночасовната средба со Заев, од која премиерот замина без да даде изјава.

Во аналитички кругови со внимание ја анализираат вчерашната одлука на коалициските партнери. Никола Спасов од Агенцијата за испитување на јавно мислење и стратегиски комуникации „Рејтинг“, вели дека договарањето на консензуланиот кандидат можеби е изненадување, ако се земат предвид настаните што претходеа.

„Острите тонови деновиве воопшто не навестуваа ваков договор. Поголем дел од јавноста веројатно очекуваше раздор, па дури и доведување во прашање на самата коалиција. Овој пресврт го отвора прашањето колку сѐ она што се случуваше деновиве, беше всушност поврзано со преговорите за кандидат или колку овие настани на крајот ги принудија СДСМ и ДУИ да постигнат ваков договор“, вели Спасов.

Меѓу личностите кои СДСМ ги смета за нејзини адути и натаму доминира фаворитската четворка – Стево Пендаровски, Оливер Спасовски, Никола Димитров и Радмила Шекеринска. Прашањето е дали изборот на заедничкиот кандидат води кон непартиска личност?

„Што се однесува до самиот кандидат, веќе се познати имињата во јавноста кои влегоа во потесен круг. Логично би било консензуален да значи и непартиски кандидат, бидејќи истиот ќе биде поддржан од повеќе партии“, укажува Спасов. Оттука, тој поголеми шанси им дава на оние имиња кои не се перцепираат како чисто партиски решенија.

„Но, не би бил целосно изненаден доколку кандидат е долгогодишен член на некоја од партиите. Во овие преговори има многу варијабли кои се земаат во предвид, а самите партии мислам дека секогаш имаат повеќе интерес да изберат доверлива партиска личност отколку несигурно непартиско решение. Оттаму, можеби се преговара и за поддршка на ваков кандидат“, оценува Спасов

Тесна битка

Публицистот и аналитичар, Роберт Несими, смета дека терминот „консензуален претседател“ е сосема измислен збор.

„За таков претседател не може да се зборува во услови кога претседателот на државата се бира на непосредни избори, директно од граѓаните. Кој со кого и каков конзензус може да се гради, ако на крајот одлучуват граѓаните? Втора работа е што не може да се зборува ни за ‘консензуален кандидат’. Ако е тој, или таа, договорен помеѓу ДУИ и СДСМ, зошто тогаш ќе се избира на конгрес на СДСМ? Или пак на конгресот само ќе се прифати кандидатот кој е однапред договорен со коалициските партнери? Во првиот случај, поточно е да се каже дека имаме кандидат на СДСМ кој е поддржан од другите партии од власта, а во вториот веќе може да зборуваме за инсталација на внатрешно-партиска диктатура во СДСМ. Во ниеден случај не може да се зборува за ‘консензуален кандидат’“, вели Несими.

Ве молиме следете не и стискајте лајк:
error
fb-share-icon
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.