СДСМ и Движењето Беса ја официјализираа предизборната коалиција
Заев и Касами го опишаа договорот за коалиција како историски со образложение дека двата блока се обединети за стратешките цели на земјата. Рекоа дека коалицијата е изградена врз темелите за борбата против корупцијата, реформите и економскиот развој. Двaта субјекти сè уште не ги финализирале своите позиции за изборните листи.
Касами вели дека загарантираните места не се важни за Беса, туку се принципи за идното владеење.
“Движењето Беса зборуваше за коалиција и никогаш за позиции. Ние зборувавме за принципите на соработката и целосното партнерство. Горди сме што објавивме партнерство со СДСМ. Во однос на позициите, тие се помалку важни. Секако, сите партии кои ги прифаќаат принципите на коалицијата без услови и се посветени на евроатлантскиот пат, се добредојдени”, рече Касами.
Алсат неофицијално дознава дека на Беса ѝ биле понудени 5 загарантирани места. Во шестата изборна единица се дознава дека носител на листа ќе биде Билал Касами, четврт на листата ќе биде Фадил Зендели, а на седмата позиција треба да биде жена од Движењето Беса. Во првата и втората изборна единица, кандидати на Беса ќе бидат на седмото место.
Според партијата на Касами, ова место претставува загарантирано пратеничко место поради фактот што носителите на листи можат да се повлечат поради позициите што ќе ги добијат во извршната власт, доколку оваа коалиција го добие мандатот за формирање влада.
Според СДСМ, преговорите ќе продолжат и со другите партии за проширување на предизборната коалиција. И ВМРО-ДПМНЕ работи на предизборните коалиции. Претходно беше постигната предизборната коалиција од албанскиот политички блок меѓу Алијансата за Албанците и Алтернатива, додека ДПА и НДП сè уште не одлучиле како ќе настапат.