СДСМ и ВМРО ДПМНЕ се скараа за економијата
д СДСМ денеска преку соопштение истакнаа дека по 13 години, Македонија има подобрување на кредитниот рејтинг, односно Агенцијата „Фич“ го зголеми кредитниот рејтинг на нашата земја од ББ на ББ+, со стабилен изглед.
Според СДСМ, подобрениот кредитен рејтинг ја враќа довербата во економијата и уште повеќе ќе влијае за повисок економски раст, повисок извоз, повисока вработеност и повисоки плати односно подобар животен стандард за граѓаните.
Ова е показател за успешноста на економските политики и истовремено е дополнителен мотив реформите да продолжат, како и охрабрување на домашните и странски инвеститори дека земјата е на добар пат, економијата е стабилна и се движи во нагорна линија.
Од ВМРО ДПМНЕ пак велат дека СДСМ ја уништи македонската економија.
Со лагите на Заев Буџетот на државата не се полни. Само во последните 5 месеци направија дупка од 3 милијарди денари од несобрани даноци, велат од опозицијата.
Според ДПМНЕ, живот во Македонија дојде само за Заев и неговата криминална банда кои народните пари ги трошат за полнење на своите џебови.
Реализацијата на капиталните инвестиции за првите четири месеци од оваа година е под 10 проценти. Парите со кои ги задолжува Заев граѓаните се арчат на непродуктивни трошоци и за исплата на неговите концесии.
Време на реални проекти и економски прогрес ќе има кога ќе дојде новата Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ, велат од партијата.