ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

Светот по убиството на иранскиот командант Сулејмани

Се зголемува тензијата на блискиот исток, по смртта на иранскиот генерал Касим Сулејмани.

Прегледи:782Јован Ѓорговски
06 јануари 2020, 15:40СподелиСподели

Тој денеска беше погребан во градот Керман, по церемонијата во главниот град Техеран, каде во присуство на илјадници граѓани и целиот државен врв беа упатени нови пораки за одмазда кон САД. Ајатолахот Али Хамнеи кој со солзи во очите ја водеше церемонијата вети дека Иран соодветно ќе одговори за смртта на генералот, додека ќерката на Сулејмани, Зејнеб упати директни закани кон силите на САД во регионот.

„Семејствата на американските војници во западна Азија кои се сведоци на суровите војни на САД, во Сирија, Ирак, Либан, Авганистан, Јемен и Палестина, ќе ги поминат нивните денови чекајќи вести за смртта на нивните деца“,вели Зејнеб Сулејмани, ќерка на Касим Сулејмани.

Закани упати и наследникот на Сулејмани, новиот генерал на Кудс Силите, Есмаил Гани, кој најави дека ќе се бори за да ги протера силите на САД од блискиот исток.

„Со помош на Бога и во знак на мачеништвото на Сулејмани, ние ќе се стремиме да ги отстраниме американците од регионот во неколку чекори и ќе продолжиме по нашиот пат кон глобално владеење на нашиот Имам“, вели Гани.

Американскиот претседател Доналд Трамп пак и денеска ја засили реториката кон официјален Техеран. На социјалната мрежа Твитер, ја повтори пораката дека САД жестоко ќе одговорат на секој напад врз нивни државјани.

„Овие натписи ќе послужат како известување до Конгресот на Соединетите Држави. Доколку Иран нападне државјани на САД или цели, Соединетите Држави, брзо и целосно ќе возвратат, и можеби во непропорционална мера. Вакво правно предупредување не е потребно, но е дадено без разлика!“, вели Трамп.

Државниот Секретар на САД Мајк Помпео пак за тамошните медиуми повтори дека со смртта на генералот, светот е побезбедно место за живеење и додаде дека одлуката на американскиот претседател била исправна.

„Претседателот Трамп ја донесе вистинската одлука, за да го спречи Касем Сулејмани од кампањата на терор која ја водеше против Америка. Светот е побезбедно место, ги преземаме акциите кои се потребни за да ги заштитиме американските интереси, не само во Багдад и Ирак, но и ширум регионот“, вели Помпео.

Во меѓувреме, Франција, Британија и Германија денеска побараа од официјален Техеран да го почитува нуклеарниот договор, и да се воздржи од насилство, откако ден претходно, Иран соопшти дека нема да го почитува било кое ограничување предвидено со договорот.

Ве молиме следете не и стискајте лајк:
error
fb-share-icon
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.