ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

Саудиска Арабија: Кашоги убиен во „тепачка“ во истанбулскиот конзулат

По долго демантирање, Саудиска Арабија призна дека исчезнатиот новинар Џамал Кашоги бил убиен во конзултатот на кралството во Истанбул.

Кавга меѓу Џамал Кашоги и други лица во конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул се претворила во „тепачка“, која довела до „негова смрт“, соопшти денеска саудискиот обвинител, шеикот Сауд ал-Моџеб.

Според кралството, во врска со истрагата за случајот се уапсени 18 лица. Освен тоа, се тврди и дека им е даден отказ на заменикот шеф на тајната служба, Ахмад ал-Асири и советникот за медиуми во кралскиот двор, Сауд ал-Катани. Кралот Салман, како што јавуваат државните медиуми во кралството, издал наредба за формирање комисија под раководство на принцот Мохамед бин Салман, која би требало да ја реконструира тајната служба и точно да ги определи „нејзините овластувања“.

Американскиот претседател Доналд Трамп изјавата на Саудиска Арабија за смртта на Кашоги ја оцени како веродостојна. „Сѐ уште е рано, ние сѐ уште не сме ја завршиле нашата проверка или истрага“, додаде Трамп, нагласувајќи дека сепак станува збор за „многу важен прв чекор“.

Членови на американскиот Конгрес реагираа со скепса на вестите од Саудиска Арабија. Републиканскиот сенатор и сојузник на Трамп, Линдзи Греам, се сомнева во веродостојноста на саудиските власти. „Да се каже дека сум скептичен во врска со новата саудиска приказна за господин Кашоги е минимизирање“, напиша Греам на Твитер. Демократскиот сенатор Боб Менендез побара санкции против саудиските државјани кои се одговорни за смртта на новинарот. „Дури и ако Кашоги починал поради судир, тоа не е оправдување за убиство“, напиша Менендез на Твитер, кој бара „продолжување на меѓународниот притисок“.

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, по веста од Саудиска Арабија за насилната смрт на Кашоги изрази „длабока вознемиреност“. Гутереш ја повтори неопходноста од „брза, темелна и транспарентна истрага“ за околностите на смртта на новинарот.

Анкара досега има објавено многу малку за истрагата во случајот Кашоги, но медиумите постојано објавуваат нови детали, повикувајќи се на извори во полицијата. Според медиумски извештаи, иследниците во Турција располагаат со аудио-снимки од конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул, на коишто наводно се слуша како е измачуван и убиен Кашоги.

Џамал Кашоги, кој од септември 2017 година жовеел во САД и работел како колумнист на весникот „Вашингтон пост“,  на 2 октомври годинава влегол во конзултатот во Истанбул за да подигне документ кој му бил потребен за венчавка и оттогаш важи за исчезнат. Во Турција има сомневања дека принцот Бин Салман наредил убиство на критичкиот новинар. Саудиска Арабија досега тврдеше дека Кашоги го напуштил конзултатот

Ве молиме следете не и стискајте лајк:
error
fb-share-icon
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.