ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

Сателитски снимки ја открија тајната на смртоносното цунами? (ВИДЕО)

Страшно цунами ги изненади сите што вчера се најдоа на брегот на Сундскиот теснец во Индонезија, односно на островите Јава и Суматра, а експертите се обидуваат да откријат како се случила оваа катастрофа во која загинаа речиси 300 луѓе, 850 се повредени, бројот на исчезнатите е непознат, а стотици објекти се уништени.

Најверојатната теорија на која ѝ одат во прилог и сателитските снимки укажува дека цунамито, како што вообичаено се случува во природата, не настанало поради земјотрес, туку како последица на ерупција на вулкан. Снимките по цунамито ја покажуваат страшната природна катастрофа која изненади голем број локалци и туристи, а властите предвидуваат дека бројот на жртвите ќе расте.

Се претпоставува дека причината за цунамито е лизгање на морското дно по ерупција на вулканот Анак Кракатау. За време на ерупцијата на вулканот жешката магма го турка слојот на тлото кон внатрешноста и може да се премести и да се пробие кон постудените карпи, објасни за Би-би-си вулканологот Џес Финикс. Тоа може да доведе до лизгање на тлото кое создава притисок на морската површина, што може да предизвика цунами.

Во овој момент сѐ уште не е јасно дали во морето се урнал страничниот дел на вулканот и така се создало смртоносното цунами, или поместувањата на страничниот дел на вулканот довеле до брзо повлекување на талогот под површината на морето па тоа го предизвикало цунамито. Но експертите се сложуваат дека причината за големиот бран е ерупцијата на вулканот.

Деталите на оваа теорија сѐ уште се проверуваат, а снимките од сателитот Сентинел 1 за набљудување на површината на Земјата на Европската вселенска агенција би можеле да ја потврдат оваа теорија. На нив се гледа како дел од вулканот се урива и крева облак од пепел кон небото.

 

Ве молиме следете не и стискајте лајк:
error
fb-share-icon
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.