САД ѝ воведоа санкции на Турција поради купувањето на рускиот противвоздушен систем
Соединетите Американски Држави одлучија да ѝ воведат санкции на турската владина агенција за купување оружје ССБ бидејќи Анкара го купи рускиот противвоздушен систем С-400, соопшти денес американскиот државен секретар Мајк Помпео.
„Денес преземените мерки јасно кажуваат дека Соединетите Држави нема да толерираат големи трансакции со рускиот одбранбен и разузнавачки сектор“, прецизираше Помпео.
Тој се повика на законот што во 2017 речиси едногласно го донесе Конгресот. Вашингтон воведе санкции на ССБ и нејзиниот претседател Исмаил Демир, како и на други шефови на турската владина агенција.
Конгресот во петокот го одобри законот за финансирање на Пентагон и одредба со која од извршната власт се бара санкционирање на Анкара поради купувањето на С-400, ракетниот систем кој не е компатибилен со системите на НАТО, чија членка е Турција.
Таа закана висеше над Турците откако го преземаа противвоздушниот систем минатата година, но американскиот претседател Доналд Трамп, кој е во добри односи со турскиот колега Реџеп Таип Ердоган, досега не ја активираше.
Ердоган минатата недела кажа дека американски санкции против неговата земја би претставувале „недостиг на почит на САД кон важниот сојузник во НАТО“.
„Соединетите Држави јасно ѝ дадоа до знаење на Турција дека купувањето на системот С-400 претставува опасност за безбедноста на американската воена технологија и персонал и дека му носи големи средства на рускиот сектор за одбрана, како и пристап до оружените сили и одбранбената индустрија на Турција“, истакна шефот на американската дипломатија.
Заклучи дека „Турција сепак реши да го купи С-400 и да го тестира, иако постојат компатибилни алтернативи со системот на НАТО“.