САД и Велика Британија воведоа нови санкции за Иран поради нападот врз Израел
Соединетите Американски Држави (САД) воведоа нови санкции кон Иран кои опфаќаат субјектите поврзани со производството на беспилотни летала, соопшти американското Министерство за финансии на 18 април.
Санкциите доаѓаат како одговор по иранскиот напад врз Израел.
Конкретно, со нив се опфатени 16 поединци и два субјекти кои овозможуваат производство на беспилотни летала и мотори со кои се напојуваат иранските дронови Шахед, што беа користени во нападот на 13 април.
„Тие работат во име на иранскиот корпус на исламската револуционерна гарда, на неговиот огранок за производство на дронови и на други ирански производители на мотори“, се наведува во соопштението на Министерството за финансии.Канцеларијата за контрола на странски средства (ОФАЦ), исто така, санкционираше и пет компании кои купуваат испорачуваат компоненти за производство на челик на иранската компанија КСЦ (Khuzestan Steel Company) – еден од најголемите производители на челик во Иран.
На мета се и три подружници на иранскиот производител на автомобили Бахман Груп, за кој ОФАЦ наведува дека материјално го поддржува иранскиот корпус на Исламската револуционерна гарда.
Покрај тоа, американското Министерство за трговија воведува нови контроли за да го ограничи пристапот на Иран до технологии.
Американскиот претседател Џо Бајден изјави дека САД и нивните сојузници му помогнале на Израел да се заштити од нападите со ракети и дронови на 13 април и оти сега со санкциите бараат одговорност од Иран.
„Санкциите се насочени кон лидери и ентитети поврзани со корпусот на Исламската револуционерна гарда, Министерството за одбрана на Иран и програмите за ракетни и беспилотни летала на иранската влада што го овозможија овој дрзок напад“, вели Бајден.