САД И БРИТАНИЈА ГО ПОВЛЕКУВААТ ПЕРСОНАЛОТ ОД АМБАСАДИТЕ ВО УКРАИНА, ЕУ ПОВИКУВА НА СМИРЕНОСТ
САД им наредија на членовите на семејствата на вработените во американската амбасада во Украина да ја напуштат земјата, поради, како што соопшти Стејт департментот, постојаната руска закана за воена акција. Британија, исто така, го повлекува својот персоналот од амбасадата во Киев. Истовремено, Стејт департментот ги советува Американците да не патуваат во Русија.
„Бевме во консултации со украинската влада во врска со овој чекор и се координираме со сојузничките и партнерските амбасади во Киев. Руската воена акција може да следи во секое време и владата на САД нема да биде во позиција да ги евакуира американските граѓани во непредвидени ситуации.“ – САД амбасада Украина.
Њујорк Тајмс објави дека американскиот претседател Бајден размислува за распоредување неколку илјади американски војници кај сојузниците на НАТО во Источна Европа и на Балтикот.
Пентагон одби да го коментира извештајот на Њујорк Тајмс, а претставници на Стејт департментот исто така одбија да кажат колку Американци моментално се во Украина. Британија почна да го повлекува персоналот од амбасадата во Украина поради предупредувањата за руската инвазија. ЕУ засега нема намера да ги евакуира семејствата на своите дипломати од Украина, бидејќи не гледа причина за тоа и очекува објаснување од САД, изјави високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел на состанокот на министрите за надворешни работи на Европската унија, на која се разгледуваа тензиите меѓу Западот и Русија околу Украина.
„Сè уште нема единствен предлог за санкции од ЕУ, но се разгледуваат неколку опции. За нив во моментов се преговара меѓу институциите и земјите на ЕУ“. – изјави Жозеп Борел – висок претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика.
Москва ги обвини САД и НАТО за ескалација на тензиите откако Алијансата соопшти дека ја зајакнува одбраната во источна Европа поради кризата во Украина. Тензиите во Украина се зголемија откако Кремљ испрати околу 100.000 војници во близина на границата со Украина, што за Западот е подготовка за конфликт и намера на Москва да ја спречи Украина евентуално да се приклучи кон НАТО.