Руските мировници ги зазедоа своите позиции: Повеќе нема судири во Нагорно-Карабах
Во Нагорно-Карабах пристигнаа уште осум авиони со руски мировни сили, соопштија од Министерството за одбрана на Русија.
Досега во регионот каде што повеќе од еден месец се водеа жестоки борби помеѓу силите на Ерменија и Азербејџан пристигнаа 42 руски авиони со мировници кои се распоредуваат во Нагорно-Карабах.
„На 13-ти ноември осум воено-транспортни авиони „Ил-76“ полетаа од аеродромот Уљановск-Восточни. Авионите на аеродромот во Ерменија ќе транспортираат повеќе од 10 тешки теренски возила, како и над 100 војници“, стои во соопштението на руското Министерство за одбрана.
Конвојот на 15-та Биргада за мировни мисии пристигна во Степанакерт, а во составот на конвојот се оклопни транспортери, автомобилска техника и средства за логистичка поддршка.
Мировниците на пат од 100 километри распоредија четири точки од каде што ќе се надгледува ситуацијата. Контигентот на руски мировни сили ќе се состои од 1,960 војници со малокалибарско оружје, 90 оклопни транспортери, 380 возила и друга техника.
Лидерите на Русија, Ерменија и Азербејџан, Владимир Путин, Никол Пашињан и Илхам Алијев на 10-ти ноември потпишаа заедничка изјава по повод прекин на огнот во Нагорно-Карабах.
Како што стои во изјавата, еден дел од регионот преминува во Азербејџан, двете страни ќе разменат заробеници, а руските мировни сили ќе бидат распоредени долж контакт линијата и долж Лачинскиот коридор кој го поврзува Карабах со Ерменија.